Паулина Грнарова – основач на старт-ап „DeepJudge“, на престижната листа на Форбс „30 under 30“, за својот продукт базиран на вештачка интелигенција
Македонката Паулина Грнарова од Скопје eрангирана на престижната листа на магазинот Форбс - „30 under 30“. Рангирањето е резултат на новиот иновативен продукт базиран на вештачка интелигенција кој Грнарова го креираше во рамките на својот старт-ап „DeepJudge“, каде таа е коосновач и главен и извршен директор. Со користење на вештачката интелигенција креирана е платформата за унапредување на алатките во прaвната професија, со што ќе се овозможи поголема ефикасност на правните системи.
Новата платформа на „DeepJudge“ користи повеќејазична вештачка интелигенција, која ја препознава содржината на структуриран и неструктуриран правен текст, овозможувајќи брза проверка и брзо филтрира важни документи од интерес на пребарувачот. Покрај тоа, преку платформата се обезбедува и брзо пронаоѓање на релевантни сознанија и проверка на евентуални недоследности.
Рангирањето од списанието Форбс за Грнарова е дополнителен поттик за натамошна работа, но и потврда дека со посветеност се доаѓа до врвни резултати. Во таа насока Грнарова порачува: „Мојот совет до помладите генерации во земјава е да преземаат ризици и да не се плашат д излезат од својата зона на комфор. Тоа е најдобриот начин за личен развој и исполнување на плановите“, вели таа.
Паулина Грнарова eдоктор на електротехнички науки. Дипломирала на Факултетот за електротехнички науки при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Како истакнат студент таа е добитник на престижната награда „Инженерски прстен“ што ја доделува Претседателот. Своето образование го продолжува во „EPF“ во Лозана, а потоа докторирала на тема вештачка интелигенција на „ETH“ Цирих, Швајцарија. За време на нејзините докторски студии, учествува на врвни конференции, а работела и како асистент на Универзитетот „ETH“ во Цирих, со фокус на длабоко учење и генеративни модели. Покрај тоа, Грнарова беше и дел од „Google AI Language“ и „Google Brain“ како истражувачки консултант специјализиран за разбирање природен јазик.
„DeepJudge“ е поддржан од истакнати инвеститори-ангели и е награден со повеќе признанија. Грнарова беше прогласена и за еден од „Digital shapes“ во Швајцарија за 2021 година.
Престижното списание Форбс започна со рангирањето „30 under 30“ во 2011 година. Во него влегуваат млади луѓе со исклучителни достигнувања во својата област на делување, односно достигнувања кои претставуваат значаен напредок во развојот на различни области.