Побарав работа зашто ми треба финаниска помош: Панчо стана пица мајстор

Поради кризата во која се наоѓаат пејачите, музичарите и диџеите, Владимир Блажев- Панчо  од ДНК или диџеј Шорти Пи реши да ја смени професијата, барем во периодот додека трае кризата. По обука од две недели, Панчо работи во пицерија во неговата населба како пица мајстор.

„Друштво, знаеме дека од работа нема срам па затоа сакав да споделам со вас, а воедно и заблагодарам на тимот што ме вработи и даде можност да го “испечам” занаетот за пица мајстор и додека трае пандемијата да имам некакви приходи“, сподели тој на Фејсбук. За Женски магазин, тој раскажа за искуството како пица мајстор, а го пофали и својот колега Огнен Здравковски кој работи како продавач во истиот локал и според Панчо одлично се снаоѓа.

„Имам пријатели кои држат ресторан за роловано гиро и пастрмајлии и почнаа со пици. Со оглед на ситуацијата во која се наоѓаме, јас побарав работа и ми понудија зашто навистина ми треба финансисика помош, и ете ме обучуваа две недели за правење пици. Работам со скратено работно време, ќе се појавувам прво понеделник и среда, а можно е потоа и петок. Местото се вика „D Kitchen“, тука е кај мене во населбата Лисиче, и искрено многу ми е интересно, дека имам вишок време и задоволство ми е затоа што е нешто ново за мене. Сакам да си го поплнам времето, а ете и ново искуство и можност за заработка“, ни раскажа Панчо.

„Газдите  и целата екипа се млади момци, ентузијасти, мои пријатели и другари, и едноставно, така се најдовме од прва. Нормално не ми се поставија како газди, и така поминувам убаво време, и верувам дека луѓето ќе бидат задоволни од правењето на мојата пица“, објаснува музичарот и диџеј.

„Кој сака нека повели, ќе се дружиме и гледаме таму. Јас не продавам туку сум внатре, но ќе си мафнеме во секој случај“, додава тој.  

И тежината на работата во кујна, Панчо ја врти од ведрата страна и ја коментира со својот познат хумор: „Секоја работа е тешка, но оваа ми е забавна, затоа што како диџеј мискам цело време и научен сум со рацете. А и меко и тестото, исто како дојки да фаќаш, така што уживам во работата. Топло е во кујна, ама затоа сум по кратки ракави, повеќе ми пречи маската кога се носи. Инаку, инересна е работата сега за сега, ќе видиме колку ќе издржам, а можеби и комплетно ќе ја сменам професијата“, најавува музичарот.

М.Џаровска