ПОПРВО БИ ДАЛЕ 100 ДЕНАРИ ЗА КАФЕ ОТКОЛКУ 50 ЗА КНИГА: Тажна приказна на скопскиот уличен продавач

Добивај вести на Viber

Книги со различна содржина, со цена од само 50 денари, се продаваат во центарот на Скопје, спроти Театарот за деца и младинци. Минувачите кои ќе здогледаат цената прво се чудат и не веруваат, па ги разгледуваат книгите, но не многу од нив покажуваат интерес да ги купат. 

Уличниот продавач кој не замоли да не се пишува неговото име, ниту сакаше да го фотографираме одблизу, вели дека скромно преживува од продажбата на книги, но нема друг избор.

„Луѓе поминуваат, гледаат , се чудат како една книга како „Оркански височини“ на пример се продава за само 50 денари. И џабе гледаат, и за џабе се чудат кога ретко купуваат“, ни раскажа продавачот додека мезеше домат и сирење на импровизираната маса спроти тезгата. 

Книгите, вели тој, му ги подаруваат луѓе. „Некои се селат па книгите им се вишок, им зафаќаат место дома, немаат што да им прават па ми ги носат и јас ги продаваат по ефтина цена, се борам да преживеам. Живеам во барака, близу до банките. Сам сум, немам семејство, партиите се ми земаа, и фамилијата и домот“, се пожали продавачот.

Тој жали и што нашиот народ, како што вели нема култура за читање книги. „Луѓево кај нас се чудни, попрво би дале 100 денари за кафе, отколку 50 денари за книга. А ги имам разни, од романи до стручна литература“, вели тој. Според него, за дел од нашиот народ е поважно да видиш и да бидеш виден, затоа како што ни раскажа, „би се потепале да одат на Саем за книга, за да се пофалат дека биле“, отколку да си поминат ефтино, нешто убаво да прочитаат а со тоа и да му помогнат. 

Милица Џаровска