Последните часови пред смртта на Есма Реџепова

Добивај вести на Viber

Бев покрај неа во болничката соба до два навечер. Лекарите имаа разбирање. Пиевме кафе и гледавме спотови. Имаше желба да живее, ни раскажа нејзината блиска соработничка Зорана Костовска

Зорана Костовска, една од најблиските соработнички на кралицата на ромската песна и претседател на хуманитарното здружение „Кралицата Есма и Стево Теодосиевски“ минатата година ексклузивно за читателите на „Женски Магазин“ зборуваше за последните часови пред смртта на легендарната пејачка која почина на 11 декември 2016 година.

- Беше космополит, имаше младешки дух и неверојатна желба за живот. Бев покрај неа во болничката соба до два навечер. Лекарите имаа разбирање. Пиевме кафе и гледавме спотови. Имаше желба да живее - ни откри Костовска.

Не ни помислувала дека тоа ќе биде нивното последно видување. Никогаш нема да го заборави разговорот во деновите кога Есма била хоспитализирана кој, како што вели, сѐ уште ја прогонува.

- Држејќи ме за рака ми ја кажа нејзината последна желба. „Закопајте ме во дворот на куќата. Кога ќе доаѓаат да го видат, ќе ми запалат свеќа. Кој ќе оди на гробишта да го прави тоа.“ И ветив дека така ќе биде и ја излажав. Не мислев дека по неколку дена засекогаш ќе нѐ напушти. Тоа никогаш нема да си го простам - ни раскажа Костовска.

Ни нагласи дека Есма никогаш не се декларирала како муслиманка. Ги прифаќала сите вери и религии.

- Никогаш не беше оптоварена со религиозни обичаи. Беше космополит. Велеше дека и најотровната змија може да оди кај што ќе посака, а дека ние сме ограничени со пасоши и со граници. Беше отворена кон Европа - вели Зорана.  

Ѓ.С.