Потрошувачите повторно доведени во заблуда за лековите својства на Тонус лебот

Добивај вести на Viber

Се уште лебот Тонус кај нас се продава и се рекламира како лековит и покрај реакциите на јавноста и следствено на тоа на институциите, дека овие тврдења наведени на пакувањето не се оправдани и Тонус лебот не треба да се продава со означувања на такви тврдења.

Потрошувачите повторно се доведени во заблуда за лековитите својства на овој производ, а опасноста од невистинитите наводи и штетата оди до таму што може да бидат сериозни. Имено, бројни потрошувачи соочени со извесно заболување го консумираат Тонус како лек и за сметка на тоа ја занемаруваат докторската, медицинска терапија.

Во правилникот за посебните барања за безбедност на храната за посебна нутритивна употреба, донесен од страна на Агенција за храна и ветеринарство, се пропишани сите правила и барања и означување на својствата на производот, посебно кои се однесуваат на безбедност на храната со посебна нутритивна вредност. Според член шест од овој правилник означувањето и начинот на означување, презентирањето и рекламирањето на овој вид на храна не треба да и придаваат својства на превенција, третман или лекување на одредени заболувања кај луѓето.

Во спротивно, во член 132 од овој правилник за производителот следи глоба доколку на производот се означени и рекламирани податоци кои сугерираат на лековити својства поврзани со превенција или лекување на заболувања, потенцирани од специфичните својства на храната.