ПОЗНАТИ МАКЕДОНСКИ ДВОЈКИ: Како се запознале?
Без разлика дали имате неуспешен брак зад себе, со партнерот сте се познавале уште од деца или вистинската личност сте ја сретнале на позрели години, овие инспиративни приказни се доказ дека не постојат правила во љубовта
Тања Кочовска и Предраг Павловски
Се познавале уште од студентските денови, но бидејќи во тој период и двајцата имале долги врски не обрнувале многу внимание еден на друг. Во 1994 година на покана на Љубомир Чадиковски познатата актерка и пејачка почнала со работа во Театарот за деца и младинци, а по неколку месеци во ансамблот дошол и Павловски.
- Во тој период јас бев најзгодна, ама Предраг не ме забележуваше. Мислеше дека сум медиумска личност и дека покрај себе имам некој богаташ со „порше“ и со викендичка на Водно, па немаше храброст да ми пријде. Беше популарен меѓу колешките, па почнав да го загледувам, да видам што толку другите гледаат во него. Си реков, не е лошо детево. И така, почнав да носам сè покуси здолништа. Еден ден, со еден колега и со секретарката Вики се договоривме да одиме на ручек. Потоа отидовме кај мене дома и во пет часот изутрината тој ме побара за жена – во свој препознатлив стил раскажа Кочовска пред неколку години за магазинот „1Е“.
Ана и Горан Трифуновски
Првпат се виделе кога биле деца во маалото на дедо му на Горан каде Ана живеела. Втората средба им се случила кога веќе биле адолесценти.
- Се сеќавам дека тоа беше на бендовска проба во една гаража кај Даре од „Суперхикс“. Тогаш свиреа заедно со Горан, а јас случајно се најдов таму и тоа беше доволно двајцата да си се запаметиме во меморијата. Помина некој период за повторно јас да му пријдам. Се сеќавам тоа беше на ФДУ, зашто беше многу тешко Горан да го сретнеш во град, бидејќи тој не излегуваше многу и слободно може да кажам дека јас го „прогонував“ него, па дури му доаѓав и под прозор (се смее). Две и пол години бевме во врска пред да се венчаме–раскажа Ана за порталот „Фешанел“.
Лиса и Арбен Шаќири
Популарниот музичар во една прилика раскажа за првата средба со неговата сопруга, правник која неколку години е дел од невладината организација „Златна рипка“.
- Се запознавме на една заедничка свадба на која ниту јас имав намера да одам, а подоцна дознав дека и неа требало да ја убедуваат. Благодарен сум му на Бога што двајцата родителите нè однесоа таму–откри Бени.
За кратко време сфатил дека конечно се појавила во неговиот живот вистинската жена за која изјави дека има огромно срце и дека ги поседува сите квалитети што него го прават среќен.
Ѓ.С.