Предложена е за српска химна, поради оваа песна прв пат доцнел возот од Виена: Еве што се крие зад стиховите во песната „Погледај дом свој анѓеле“
Легендарниот рокер и фронтмен на групата „Рибља чорба“ утрово почина во болница во Љубљана, по тешко боледување, потврдија од групата.
„Почитувани пријатели, со тага ве известуваме дека нашиот пријател и брат, Борисав Бора Ѓорѓевиќ не напушти. Почивај во мир драг наш Боки“, се вели во соопштението на бендот.
Последните денови од животот ги помина во Клиничкиот болнички центар во Љубљана, каде што беше хоспитализиран по тешка пневмонија.
Бора е роден во 1952 година во Чачак, а во поранешна Југославија остави голем белег на јавната сцена како рок-музичар и поет, а извесно време беше активен и на политичката сцена.
„Погледај
дом свој анѓеле“ според многумина е најдобрата песна на бендот Рибља чорба, а Бора Ѓорѓевиќ со неа го завршувал секој концерт.
Песната „Погледај дом свој анѓеле“ е создадена сосема спонтано во 1985 година и е дел од албумот „Истина“.
Песната го има истиот наслов како и романот на Томас Волф за американската криза. Во тие години Бора Ѓорѓевиќ бил бунтовник кој се борел против сите, а рекол дека песната буквално речиси сама се напишала.
„Песната „Погледај дом свој анѓеле“ е создадена на необичен начин, затоа што е напишана сама по себе. Одеше против мојата волја, сликите сами дојдоа“, рекол Бора во една изјава.
„Ја пишував многу долго за да бидам целосно задоволен со секој збор. И тогаш песната имаше свој живот. Звучи различно на секое место - кога бендот ја свири, кога хорот ја пее и кога ја свири симфонискиот оркестар, различно звучи во разурнатиот Вуковар, каде во публиката имаше само деца, поинаку звучи во Штрпац на Косово и Метохија“, изјавил Ѓорѓевиќ.
Трогателна приказна од Виена
Ѓорѓевиќ се присетил и како во Виена на железничката станица хорот на Првото српско пејачко друштво ја испеал „Погледај дом свој анѓеле“ од возот кој штотуку требало да тргне.
„Тоа беше сосема нереална ситуација. На празната платформа стојам, гледам и плачам - ги слушам како пеат како ангели. За прв пат во историјата на австриските железници возот задоцни со поаѓање, бидејќи кога заврши песната го пуштија возот“, рекол Ѓорѓевиќ, кој открил дека предложиле оваа песна да биде српска химна.
„Интересно е што толку многу се слуша сериозна песна. Има дури и група луѓе кои сакаа да предложат таа песна да биде српска химна. Секако дека ја имаме нашата национална химна, но тоа го сфатив како комплимент“, изјавил претходно Ѓорѓевиќ, пренесува Политика.
(Stil/ Politika)