Промовирана книгата „Дур дишам се надевам“ од Владимир Мартиновски
Латинската поговоркаSine linqua Latina nulla intelligentia(Без латински јазик нема знаење), која се чини е одамна заборавена, е појдовната идеја за новата книга „Дур дишам се надевам“ од авторот Владимир Мартиновски, која беше промовирана вчеравечер (27 март 2019 год.) во книжарницата „Литература.мк“ на улицата „Македонија“. Збирката поезија, во издание на „Либи“, дел од „Арс Ламина – публикации“, е со илустрации од Александра Филипоска. Насловот на книгата доаѓа од мислатаДур дишам се надевам(Dum spiro spero), која е една од 50-те латински поговорки што се инспирација за секоја од песните.
Промотерка на книгата беше уредничката Билјана С. Црвенковска, која рече дека поднасловот на книгата „Дур дишам се надевам“:и други песни за деца на работ на младостаима многу значења, особено за тие што ќе останат вечни деца во духот.
‒ До скоро не бев свесна колку денешните деца не ја познаваат класиката. За мене беше поразителен фактот дека повеќето тинејџери не знаат кои се Херкул и Сизиф, не чуле за Киклоп, ниту за Медуза. Не ја слушнале приказната за Ромул и Рем и волчицата, и за создавањето на Рим. Уште помалку знаат латински поговорки, што ние, кога бевме средношколци, а подоцна и во студентските денови, ги знаевме наизуст. Омилени ни беа:Per aspera ad astra(Преку трње до ѕвездите),Carpe diem(Зграпчи го денот),Homo homini lupus est(Човек на човека е волк),De gustibus non est disputandum(За вкусовите не се расправа),In vino veritas(Во виното е вистината) иNulla dies sine linea(Ни ден без ред). (Последната поговорка сметам дека секој писател треба да си ја повторува и запишува секој ден, и да не ја заборави!).
За жал, тоа беа некои други времиња или што би се рекло,O tempora o mores. Денешните деца подзаборавија на класичното образование, што ние толку многу го негувавме. Се надевам дека со оваа книга на Владимир Мартиновски ќе им се врати љубопитноста на новите генерации да ја откријат класиката. Оваа книга, не е само збирка поезија, што ги зема латинските поговорки како наслов за секоја песна, туку го содржи она што е многу значајно за тинејџерите ‒ хуморот поврзан со нивните секојдневни ситуации. Се надевам дека токму низ тој хумор и забава ќе се заинтересираат да го дознаат значењето на поговорките ‒ рече Црвенковска.
Владимир Мартиновски во своето обраќање рече дека „Дур дишам се надевам“ е скромен обид да научиме или некој да се потсети барем на мал дел од големите мудрости, стокмени во кусите латински пословици и поговорки, кои се воедно и наслови на овие уникатни, забавни и поучни песни.
‒ Долго време во мене тлееше идејата за оваа книга, заедно со желбата на следните генерации да им ги пренесам поговорките со кои ние растевме. Homo homini sacra res(Човек на човека му е светиња), а во таа конотација сакам да им се заблагодарам на уредничката Билјана Црвенковска која ја погоди срцевината ‒ зошто ја напишав оваа книга. Би сакал да ѝ се заблагодарам на Александра Филипоска за прекрасните илустрации, со нив поговорките добија сила. Благодарам и на Светлана Кочовска-Стевовиќ, која ми беше стручен консултант за латинските поговорки. Тука би ги споменал и моите професорки по латински јазик: Елена Чушкова од гимназијата „Јосип Броз Тито“ и Љубинка Басотова од Филолошкиот факултет. Книгата им ја посветив на своите синови, но и на сите деца од новите генерации, со надеж дека барем дел од пословиците и поговорките (а зошто да не и по некоја песна?) ќе им бидат од полза, макар еднаш во животот. Но, ова не е книга само за децата и за тинејџерите, туку и за возрасните, за сите што со неа ќе се потсетат на латинските поговорки ‒ рече Мартиновски.
Авторот, Владимир Мартиновски, е македонски есеист, поет и прозаист. Работи како редовен професор по предметот компаративни поетики на Катедрата за општа и компаративна книжевност при Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“. Неговата поезија е објавена на дваесетина јазици.