Пуста љубов која не минува

Добивај вести на Viber

Ниту еден град доволно голем не е

За во него да не се сретнат

Оние кои некојпат љубов си биле

И кај сите истото е

Како гром од ведро небо

Кој в гради погодува ко стрела

И утробата се стега

Како железна канџа која стиска

А дишењето забрзано е и плитко

Чиниш воздух наеднаш снемува 

И во ушите баботи загубата

Во умот клука мисла чемерна

За која утеха не постои

Сите средби на оние

Кои некогаш СЕ’ еден на друг си биле

Исти се ко јајце на јајце

Со трепет во душата

Со помисла како ли ќе беше

Ако заедно останеа и остареа

Со прашалници зошто се минато

Со потајна желба повторно иднина да си бидат

Иако знаат....

Иако знаат дека не можат

Дека пишано не им било

И ете

Двајцата маска на лице ќе наместат

Насмевка која боли на искривените усни

И не дај Боже да се поздрават

Оти стисокот на дланка срцето им го стиска

И топлината во себе ја носат уште долго

Како модринка која никако да мине

Како рана која не заздравува со векови

Ниту еден град доволно голем не е

За да е човек раат

И да знае дека зад аголот

Нема повторно ликот да го сретне

Кој лузни му оставил однатре

Кои секогаш свежи се

Оти времето некојпат не е иљач

Туку стои заглавено во часот

Кога си се збогувал со среќата

Мал е градов

Собран во спомени втиснати во асфалтот

Згуснат под стреите на старите куќи

Овој проклет град некогаш е толку мал 

Што се чини дека најарно е 

Во четири ѕида да останеш

Оти без сон се ноќите 

Кога низ денот ќе се видиш себе

Во окото на оној кој си го љубел

Кој те љубел

Кој твој не е и негова не си

Пуста љубов голема 

Која не минува, која не заминува


За Женски магазин, поетесата Ана Бунтеска