Животна училница // Приказни
Работилница „Бајки од Македонија“ по повод Светски ден на детето
Приказните од сликовниците од едицијата „Нови бајки од Македонија“ беа инспирација за работилницата за деца, што вчера, на 1 јуни, се одржа во Канцеларијата на претседателот на Р. С. Македонија, „Млади хаб“ во Скопје.
На настанот, кој беше реализиран во чест на Меѓународниот ден на децата, учествуваа учениците од 3-1 одд. при ООУ „Јохан Хајнрих Песталоци“ од Скопје со својата наставничка. На работилницата присуствуваа првата дама, г-ѓа Елизабета Ѓоргиевска, претставници од издавачката куќа „Арс Ламина“ и илустраторите Емилија Мишева (Ем Елефантски) и Орце Нинески. Тие на младите читатели им ги претставија сликовниците „Океанија“ (од авторот Мартин Миљев, со илустрации на Нинески) и „Луѓето и змејовите“ (од писателот Владо Јаневски, илустрирано од Емилија Мишева), кои се во издание на Движењето за поддршка на креативноста Иво Лауренчиќ – „Браво сине!“ и „Арс Ламина“.
Децата дознаа како се создаваат сликовниците, како се одвива работата на илустраторите, како двајцата илустратори почнале да цртаат книги за деца... Во вториот дел од настанот децата направија свои сликовници, според приказните во овие две книги, но со свое видување на главните моменти.