Роди ме мајко инфлуенсерка да бидам
Што ми е одбивен тој термин побогу, не можам да најдам начин да
ви опишам колку. Современиве постулати за идоли и идеали не искинаа комплетно,
не се знае кој каде води, кој пие кој плаќа, кој е во право а кој не. По број
на лајкови си мериме успех, а по разноразни џаболебарски групи си вадиме очи и
онака квалитетно си го ништиме родот и племето, крваво и сочно нели, како прави
балканци.
Во мое време беше некако поедноставно, се заљубуваш во глумец, рок звезда и лепиш постери по зид, пратиш некој мадрфакерски сликар или писател па собираш негови слики или дела, се разбира реплики, вода во очите немаш, собираш пари од ужинка за да се оштетиш викендот со бамбус од 50 денари, ако си уметнички настроен, подвлекуваш мисли во големи дела кои што сакаш нејќеш мора да ги прочиташ, пошто нели имаш здрав образовен систем кој ти вели седни учи и не тупи во празно. И да со нас влечевме цел ранец книги и не не ни беше тешко тоа да го правиме. И да, излегоа луѓе од нас, горе доле сите сме ок, сите се научивме како да се бориш за тоа што го сакаш.
Е сега, во моментов грубо се поделија работите на само нежно према себи и прифати се, немој случајно да се помачиш од една страна и иди гладувај за да бидеш лајкувана старлета од друга страна. Посликај се по можност со две три витонки, еден гучи каиш за да ти ги видиме парите и толку. Успела сам у животу, трепкав на стори. (Како права современа старлета се фатив себе си дека почнав само тоа и да го правам минатата година, па поштено си застанав и си направив пауза од себе). Знам по себе, ќе ставам слика од книга или некоја апстракција, 100 лајк едвај, ќе ставам слика во тесен фустан 500 лајк, ќе ставам слика од мене полугола и оп 1000ка. Се знам, се поминав и се пробав, точно знам како треба и како не треба.
И немаше да мрчнам воопшто, и сосема друга тема ми беше наменета за оваа колумна, НО.. Налетав на пост каде една девојка која се води како позната пејачка и инфлуенсер пропагира како ЗА ДА ОСЛАБЕШ треба да пиеш САМО СОКОВИ со различна боја и вкус, дрн дрн една недела. И као демек тоа е детокс. И као демек слабееш 6 килограми замисли еј. Девојко ако дојде текстов до тебе, ТЕ МОЛАМ ТРГНИ ГО ПОСТОТ. Има милион и еден начин како можеш да си инфлуенсер за сите тие твои следбеници, и јас знам милион и една фирма што ќе ти платат за да рекламираш здрава храна и здрав начин на живот, ќе те поврзам под најитно.
Во овој даден временски проклето современ момент, со сите можни информации кои што постојат и се достапни на проклетиов интернет, како бре побогу и со кој памет тргнувате да пиете боени сокови цела недела за детокс, па уште бидејќи нормално платен си за тоа, и да го применуваш на себе? Млада дамо, ти и секоја од вас што ќе се дрзне на тоа, дали знаеш кој шок му го предизвикуваш на организмот со тоа што го ставаш на боени течности ма не знам од што сака нека се направени, и не му даваш храна за возврат? Дали си свесна за трајните здраствени последици кои ги предизвикуваат сите суплементи, сите прашоци и сите ДЕТОКС сокчиња на организмот? Мислам жени дајте бре доста е човече! Од таа пуста трка за слабо, дебело, од тие проклети слики по инстаграм и се на куп, ментално се оштетивме, доста е! Млади девојки се борат за зачувување на идентитет, се гушат во наши пропаганди за лево или десно, не им даваме ништо трајно и вредно за пратење, се претвораме во порцелански кукли за на излог без душа, аман!
Треба да си слаба за да носиш танга, треба да си стегната за да се сликаш, прифати се дебела здраво е, сликај се гола нормално е, не се сликај гола курва си, имаш целулит, ау види каква си со стрии бриши во фотошоп, ботокс, силикони, надградби, слаба дебела, слаба, дебела, слаба дебела. Минатава недела мрчнав кај мене баш на оваа тема, како главна јојо фраерка што денес има 70 а утре 100 кг, јас најдобро од сите знам што значи борба со килограми и како тоа изгледа. Со сите можни испробани режими и начини на исхрана, најголемиот предизвик пред кој сум ставена е континуитетот. Да јадеш нормално, здраво, се што ти се јаде но умерено, и да вежбаш. Сите знаеме дека со вежбање се подобрува и здравјето и мозокот, и телото и духот. Ама па зошто толку се опседнавме со сето ова? Каде се адвокатките, каде се докторките, каде се астрофизичарки и уметници што поместуваат тло, ја вртат земјата спротивно од нејзината оска и се и те како вредни за пратење. И не знам како магично, тие жени секогаш изгледаат прекрасно, балансирано, баш онака како што секоја од нас треба и да изгледа, средено. Зошто сите прсти се вперени кон социјални инфлуенсери, а забораваме каде е трајната и вистинска вредност. Во пандемија ни текнува дека имаме докторки, во војна офицерки а на суд адвокатки, така испаѓа? Јавно ги молам сите жени кои животот си го посветиле на некаква наука, имаат што да кажат и имаат што да ни покажат, да го дигнат својот глас, да направат профили на социјални медиуми и да раскажат колку е магично и прекрасно да имаш поголема амбиција од тоа да се сликаш во фустан, да се нашминкаш или да бидеш нечија слаба стегната жена. Јас ќе ве споделам сите до една кај мене, мора да им покажеме на младиве девојки колку е магично и прекрасно да си во мир сама со себе, да посакаш да бидеш првиот нанотехнолог што решил некоја непоимлива материја, и да си го посветиш животот на ментален раст и развој. Само и единствено така, телото ќе може да те прати тебе, и само така ќе ја имаш идеалната тежина проследена со врвно задоволство на сите овоземски вкусови. И ќе знаеш што значи чаша добро бело вино, со домашна паста изедена во прекрасно друштво. Мирисот се лепи на непце и останува таму засекогаш, да те потсетува зошто живееш.
Јас сум Ивана Кнез, во моментов пишувам теза за влијанието на
религијата врз гардеробата, по струка сум дипломиран костимограф, имам
претензии кон психологија, пратам делови на логотерапија и психоанализа
имплементирана во секојдневието на една жена, најмногу при одбирот на
секојдневна гардероба. Вие ме знаете како моден дизајнер, и за жал многу од вас
ме крстија инфлуенсер. Епа ако е така, ај да ви повлијаам малку, колку од вас
девојки годинава ќе запишат мастер, ама вистински, не онаков тато што го плаќа?
Ајде да им покажеме на сите дека не сме само за снимање видеа по инетрнетов,
има повеќе во секоја од нас!
Намасте.