РСБСП со апел до возачите: Внимавајте на велосипедистите

Добивај вести на Viber

Најавувајќи го доаѓањето на пролетта, топлото време и високите дневни температури ги „мобилизираа“ и велосипедистите. Добрите временски услови овозможија зголемување на бројот на велосипедисти во сообраќајот. Иако има „јунаци“ кои велосипедот го користат во текот на целата година, сепак најголем број од љубителите на велосипедот, со нетрпение ги очекуваат пролетните денови кога го оставаат автомобилот и ослободени од гужвите и нервозите во сообраќајниот метеж, со задоволство ќе свртат едно кругче низ град со својот „миленик“. Додека љубителите на велосипедот се помалку или повеќе возбудени поради можноста да уживаат во пролетното возење, на возачите секогаш како да им треба уште малку време да се навикнат на  зголемениот број веелосипедисти во сообраќајот. 

Водејќи се од тоа, РСБСП со практични совети до возачите и со потсетување на одредбите од ЗБСП што се однесуваат на возачите на моторни возила кон велосипедистите: 

Велосипедистите се рамноправни учесници во сообраќајот и треба да ги почитувате како и останатите моторизирани и немоторизирани учесници во сообраќајот;

Пролетта е дел од годината кога значително се зголемува бројот на велосипедисти учесници во сообраќајот. Биди внимателен возач и внимавај на велосипедистите во сообраќајот;

Возачот, односно сопственикот на возилото не смее да запре или да паркира возило на велосипедска патека, односно лента и на премин на велосипедска патека преку коловозот, како и на оддалеченост помала од десет метри од преминот;

Возачот, односно сопственикот на возилото не смее да го запре или да го паркира возилото на место на кое би ја загрозувало безбедноста на другите учесници во сообраќајот или би претставувало пречка за нормално одвивање на сообраќајот или пречка за движењето на  велосипедистите;

На посебно уредена сообраќајна површина, наменета за движење на пешаци и велосипедисти, забрането е да се остават возила кои заради оштетеност, односно дотраеност, не се употребуваат во сообраќајот (хаварисани, напуштени возила, камп-приколки) и други предмети со кои се попречува одвивањето на сообраќајот;

Возачот кој при свртување на возилото пресекува велосипедска патека или лента, должен е да ги пропушти велосипедите, велосипедите со помошен мотор, мопедите, трициклите и лесните четирицикли што се движат по велосипедската патека или лента. Не почитување на оваа законска одредба се санкционира со парична казна во износ од 300 евра во денарска противвредност;

Возач кој се движи со возило по коловоз на која има вода, должен е да го приспособи возењето да не ги прска пешаците, возачите на велосипеди, велосипеди со помошен мотор, мопеди, мотоцикли, трицикли, лесни четирицикли и четирицикли.

РСБСП упатува апел до возачите: Велосипедот е економски, енергетски и еколошки најодржлива форма на мобилност. Го намалува сообраќајниот метеж, бучавата и загадувањето. Секој велосипед заменува едно возило. Велосипедот нема воздушни перничиња и е многу послаб и инфериорен во однос на моторното возило, во случај на сообраќајна незгода. Затоа, биди внимателен возач, почитувај ги велосипедистите и чувај ги од повреди и загуби.