Сара Мејс е бремена со второ дете - Илина ми рече: Ако имаш бебе, отвори внатре да видам какво е

Добивај вести на Viber

Пејачката и харфистка Сара Мејс е  бремена. Таа и нејзиниот сопруг, водителот и маркетинг менаџер Димитар Атанасовски го очекуваат своето второ дете.

Сара за Женски магазин раскажа дека е во четвртиот месец од бременоста, и е пресреќна што семејството ќе им се зголеми.

-Одлично се чувствувам, засега е сe’ како што треба. Многу сум радосна што семејството ќе ни се зголеми. Илина и Димитар се супер, и ќе бидам многу среќна кога на свет ќе дојде уште една позитивна личност како нив, од нивната клапа“, ни раскажа Сара.


Нивната ќерка Илина, има четири години и е весело дете кое често ужива во прошетките во природа со родителите и со Атос, нивниот миленик. Сара низ насмевка ни раскажа и како Илина реагира на тоа што ќе има брат или сестра.


-Илина ме праша: Мамо, сестричка ќе биде? Кога ѝ реков дека не знам ми одговори: „Ако е братче, ќе го направиме сестричка“. Потоа ме праша: „Ако имаш бебе, отвори внатре да видам какво е“, рече Сара за ќерката. Таа вели дека на најголема мака била кога на Илина требало да ѝ одговори на прашањето: „Како бебето го стави внатре?“


-Се збунив во прв момент, а потоа ѝ ја раскажав приказната за штркот, дека ми се потпрел на рамо“, вели уникатната музичарка. Кога Илина беше бебе, при крајот на 2018 година, Сара за Женски магазин раскажа:


 -Додека бев бремена, постојано некој ме плашеше, вака ќе биде или онака ќе биде. Првата група на луѓе ми велеа: рано ви е за дете, зошто уште не шетате, втората група ми раскажуваше колку е тешко, а трети ми велеа дека е ова најубавиот период. И во право беа третите, јас сум во таа група. Засега одлично се снаоѓаме со Илина, целта ги оправдува средствата. Кога спие по четири часа без да се разбуди, ми фали“, ни изјави Сара тогаш.

М.Џаровска

Фото: Приватна архива