Се мачиме, се бориме: Лино Червар проговори за болеста на сопругата

Ракометниот тренер Лино Червар прозборе за болеста на својата сопруга Клаудија, која од минатата година се бори со тумор.

Љубовта на Лино, неговата десна рака и животна сопатничка неодамна ја имала втората операција, откри Червар за хрватскиот портал „24 сата“.

„Се мачиме, се бориме. Клаудија по втор пат за неполна година е оперирана од тумор. Но, се надеваме дека ќе оди на подобро“, изјавил Червар. По спортските битки кои ги доби во текот на кариерата, тој се надева дека ќе ја добие и оваа, личната.

 „Морам да бидам со неа во овие тешки мигови, таа секогаш била тука за мене. Таа е жената која е најзаслужна за сите мои успеси. Сѐ што сум направил во животот, на неа треба да сум ѝ благодарен“, додал тренерот.

„Мојата сопруга е жена која не држи три, туку четири ѕида во куќата. И таа е голем работник. Моите играчи, кога би биле вредни како таа, да имаат толкава волја во тешките мигови да одат напред, би имале страшно добра репрезентација. Не ѝ е лесно. Замислете како е да се биде сопруга на човек кој цел викенд гледа во телевизорот и анализира натпревари. Не сакам да ѝ се додворувам по 40 години брак, но да не беше таа, ќе ги немаше и моите успеси“, раскажал Червар за својата сопруга.