„Се изгушкавме за сите 56 години во кои не се видовме“: Џамбазов со емотивен момент на концертот во Торонто
Животе, понекогаш навистина знаеш да бидеш суров... вели маестро Игор Џамбазов, во последната споделена емотивна објава на социјалните мрежи.
Џамбазов минатата недела беше во Канада каде имаше концерт заедно со Гуру Харе.
Токму таму, на сцената во Тороното, Игор повикал една посебна дама за него. Тетка Даринка.
„Ова е сигурно еден од најемотивните моменти од концертот во Торонто. Дознав дека во публиката се наоѓа тетка Даринка, жената која не чуваше мене и сестра ми Тања кога бевме мали. Живееше кај нас, се грижеше за нас, и во недостаток на родителите кои тогаш беа на врвот на своите кариери и многу често отсуствуваа од дома, бидејќи патуваа на турнеи и снимања, таа се обидуваше да ги замени. Тетка Даринка се обидуваше да не научи да бидеме добри луѓе, и се надевам дека успеа во тоа. А кога конечно ја пронајде љубовта на својот живот, чичко Ѓоко, тој ја побара нејзината рака од мајка ми и татко ми, а тие им дадоа благослов. После тоа заминаа за Канада. Таму станаа успешни луѓе, познати во македонската заедница.
На концертот, ја повикав на сцената.
Се изгушкавме за сите 56 години во кои не се видовме.
56 години. Животе, понекогаш навистина знаеш да бидеш суров...“ - напиша Џамбазов на Инстаграм каде го сподели и емотивното видео.
ФОТО: Инстаграм Игор Џамбазов