Се надевам дека во срцата ќе ми простите: Тамара се извини за вчерашната грешка во химната
Тамара Тодевска со официјална изјава на своите Фејсбук и Твитер профили се извини што сношти ненамерно пропуштила дел од националната химна, на приемот во Амбасадата на САД по повод денот на независноста, 4 јули.
„ Дозволете ми од дното на моето срце да ви се извинам за вчерашната грешка. Не постои поголема чест за еден уметник од пеењето на националната химна и токму поради тоа и ја прифатив поканата од Амбасадата на САД.
Не постојат зборови со кои можам да ја опишам мојата тага поради пропустот што го направив при пеењето на химната. Понесена од емоции и од целокупната еуфорија, за жал, ненамерно изоставив дел од химната. Уште еднаш ви се извинувам за оваа грешка и се надевам дека ќе најдете простор во вашите срца да ми простите.
Со почит, Тамара“, напиша поп-ѕвездата.
На 27 јули, Тамара во организација на „Авалон“ продукција ќе одржи концерт во Античкиот театар во Охрид. Хајка против неа се крена пред неколку дена со коментари на официјалниот Фејсбук профил на продукцијата. Негативни коментари оставаа оние кои не се согласуваат со тоа што Тодевска, со евровизиската песна „Proud“ ја отвори Парадата на гордоста минатата недела во Скопје. Исто така, против настанот на Антички, пишуваа оние кои не ја поддржуваат одлуката на Тамара да се појави во спотот „Излези ЗА Европска Македонија“, кој беше снимен како поддршка на Референдумот кој се одржа лани во септември. Тамара во спотот учествува со уште неколку нејзини колеги.
Со песната „Proud“, таа ѝ донесе историски успех на нашата земја на „Евросонг“ во Тел Авив освојувајќи го седмото место и стекна европска популарност. Тамара е првата претставничка која настапи под новото име, Република Северна Македонија.
Насловна фотографија: Чедо Поповски