Се ожени Гоце Андреевски, портпаролот на МВР: Даниела е полна со љубов, многу сме среќни

Новинарот Гоце Андреевски, портпаролот на МВР вчера се ожени со својата избраничка Даниела Арсовска.

Андреевски, кој публиката го засака како дел од популарната водителска четворка на „Утринска на Телма“, која веќе две години не се емитува, вели дека е многу среќен затоа што свадбата била волшебна.

„Даниела и јас сме заедно три ипол години. Се свршивме минатата година во Охрид, на Свети Наум“, ни раскажа Гоце кој на романтичен начин ја побара својата сакана за жена, на изворите на Дрим. 

-Даниела е препозитивна личност, исполнета со многу, многу љубов, секогаш насмеана, ведра, но пред сè е добра како човек, полна со емоции. Многу сме среќни. Журката вчера беше волшебна“, додава Андреевски. Тој и Даниела се венчале во црквата Света Петка, а забавата се одржала во хотелот „Александар Палас“. 

На Гоце му е драго што тој и Даниела својата среќа ја споделиле со своите најблиски, а меѓу гостите биле и неговите колеги „Утринците“ , Цеце Тодосовска и Марко Марк, со кои Гоце ги будеше гледачите на „Телма“ секое утро, како и водителката Ирена Спировска со својот партнер Душко Исајловски. Меѓу гостите бил и колегата на Гоце од МВР, Тони Ангеловски, помошник на  министерот за односи со јавност. 

-За убавата забава многу придонесоа музичарите, тамбурашите „Гезме“ од Куманово. Направија одличен микс од македонска народна музика, поп-хитови од поранешна Југославија, италијанска музика...“, додава Гоце кој е сè уште е под импресии од вчерашната забава. 

Младенците засега не планираат меден месец, а по 20 август ќе заминат на одмор, најверојатно во Грција.


М.Џаровска

Фото: Приватна архива