Дилемата на идните невести, да купат, изнајмат или сошијат фустан?! Еве за што се одлучуваат Македонките
Во некои македонски градови, купувањето венчаници е тренд, а во други повеќе се практикува шиење или изнајмување. Од бутиците за венчаници објаснуваат дека им доаѓаат клиенти со различни желби. Интернетот нуди многу можности да видат идеи каков фустан сакаат да носат и како сакаат да изгледаат на свадбaта.
„Повеќето невести си шијат и купуваат венчаници. Секоја доаѓа со своите барања. Сите имаат различни потреби и критериуми, некои се покрупни, некои послаби. Се шие по нарачка и така е најдобро. Сите мани се покриваат, а доблестите се откриваат. Претежно сега со интернетот, гледаат од светските креации, но секоја жена е различна и ние ги советуваме, им објаснуваме, но и цртаме модели. Најевтината венчаница чини од 400 евра па нагоре. За тантелата и ние сме условени, ги купуваме, а цените варираат. Ние не изнајмуваме венчаници. Имало немили ситуации со изнајмување во минатото, а ако нешто се оштети, треба да се плати“, велат од бутик за венчаници од Скопје.
Но, во помалите места, голем број невести ја бираат поевтината варијанта.
„Не дека невестите не сакаат да изгледаат екстравагантно, но гледаат да поминат поевтино. Од моето искуство, најчесто шиеја венчаници и потоа ги оставаа во бутикот за изнајмување, имаше и такви случаи. Сите сакаат да биде модерно, да биде убаво, елегантно, но материјалите се скапи. Тие што се побогати, купуваат венчаници од Скопје, одеа и во Ниш, но другите гледаа да поминат поевтино поради немање финансии“, објаснува прилепчанка.
Цената на венчаницата во голем дел зависи од видот на материјалот, но и од рачната изработка на неа.
„Секоја невеста си носи индивидуална одлука. Но, од град до град има разлика. Ако во Скопје шијат и купуваат, во Битола изнајмуваат и цените си варираат, зависно за каков фустан се работи, колкава му е цената“, објаснува сопственичка на бутик за венчаници во Битола.
Повеќе за информацијата прочитајте на ФАКТОР.
Фото: Freepik.com