Се вљубив во долината на Хунзите: Интервју со Ана Симоновска

Добивај вести на Viber

Се чувствувам благословено поради можноста да патувам. Тоа е најдобриот начин за збогатување на духот. Од сите места кои досега сум ги доживеала, како најимпресивни би ги издвоила Северен Пакистан, Нордкап и Исланд, раскажува македонската музичарка и фотографка која живее во Москва

Две години престојуваше во Пакистан, а нејзината моментална адреса на живеење е во руската престолнина. Македонската јавност ја памети како пејач и кантавтор. Подоцна почна да го запознава светот на фотографијата и оттогаш, како што вели, желбата да го „фати“ вистинскиот момент расте секојдневно. Ана Симоновска веќе подолго време патува по светот, снима видеозаписи, фотографира и компонира, а нам со задоволство ни раскажа за животот во Исламабад, за магичната убавина на Нордкап, авантурите во Исланд и за усовршувањето на јогата во Индија.

* Што беше пресудно да заминете од Македонија? Одлуката да ја напуштите земјата и да отпочнете ново животно поглавје се наметна како храбар или неопходен потег?

- Моето заминување од Македонија беше директно поврзано со мојот тогашен партнер, сегашен сопруг. Неговиот работен ангажман во земјата заврши, па се наметна прашањето дали и како ќе го продолжиме нашиот заеднички пат. Одлучивме, како што велите, да започнеме ново животно поглавје надвор од Македонија. Прво тоа беше Виена, па Исламабад, а сега Москва.

* Македонската јавност Ве памети како лице од домашната поп-сцена. Кои се Вашите моментални интереси на ова поле? Дали сè уште соработувате со интернационалниот соул и блуз бенд со кој имавте настапи во повеќе европски земји?

- Веќе извесно време, од различни причини, немам снимено нов материјал, меѓутоа идеите се тука, а јас се трудам да се одржувам во креативна форма. Кога ќе дојде вистинскиот момент, ќе објавам и нешто ново. Соработката со мојот омилен бенд Тхе Муцкракерс продолжува. Тоа е една од повозбудливите приказни во мојот живот која трае веќе десет години. Бендот за првпат настапи во Лилехамер, Норвешка, во рамките на Глобалната конференција за истражувачко новинарство. Во тоа време работев како новинар и добив покана да учествувам. Таму имаше и други новинари, талентирани музичари, па решивме да свириме заедно. Настапот беше прилично успешен, иако немавме ниту проба, и оттогаш се собираме за секоја конференција. Настапувавме во Киев, Женева, Рио, повторно во Лилехамер и лани во ноември во Јоханесбург. Таму бев и дел од видеотимот што известуваше за конференцијата.

„Исланд е посебна приказна, земја на екстреми, малку луѓе, многу убавина, сирова, моќна и на моменти опасна природа“

* Како што напишавте на Вашиот блог, пред неколку години почнавте да осознавате ново и возбудливо поле за креативно изразување, почнавте да фотографирате, да изработувате видеозаписи. Кои се Вашите амбиции во оваа сфера?

- Во изминатите неколку години, фотографијата и видео уредувањето навистина прераснаа во силна пасија. Колку повеќе учам, толку пошироко се отвораат можностите за креативно изразување. Континуирано го надоградувам моето знаење и се обидувам да најдам нови начини да ги искористам овие медиуми. Интересно е како тоа се вклопи со музичарот во мене. На пример, мојата песна „До последен миг“. Не само што ја напишав, го поставив аранжманот, ја донесов пејачки, моите нови вештини ми овозможија и самата да го изработам видеозаписот. Сето тоа, се разбира, побара време, енергија и посветеност, меѓутоа можам со големо задоволство да кажам дека зад тој проект стојам целосно. Што се однесува до моите амбиции на тоа поле, насоката во која би сакала да се движам е концептуалната и уметничката фотографија.

* Подолг период патувате низ светот запознавајќи различни култури. Кои се најатрактивните, најнеобичните или можеби најлошите места кои стојат запишани во Вашиот дневник?

- Се чувствувам навистина благословено поради можноста да патувам. Сметам дека тоа е најдобриот начин за збогатување на духот. Од сите места кои досега сум ги доживеала, како најимпресивни би ги издвоила Северен Пакистан, Нордкап и Исланд. Северниот дел на Пакистан е преубав. Џиновски планини, глечери, зелени долини. Сето тоа едноставно буди во тебе чувство на понизност и благодарност. Нордкап се смета за најсеверната точка во Европа, достапна по земјен пат. Таму ја видов Аурора Бореалис, а искуството беше магично. Буквално „смрзнав“ кога поларната светлина почна да „танцува“ на темното северно небо. Исланд е посебна приказна, земја на екстреми, малку луѓе, многу убавина, сирова, моќна и на моменти опасна природа. Навидум бескрајни лава полиња, чудни формации, моќни водопади, уште помоќни ветрови… Токму тие екстреми го будат животот во тебе. И Чернобил беше прилично интензивно и на моменти не баш пријатно искуство. Имав чувство како да чекорам врз руини на туѓи животи. Во јануари годинава имав можност да се запознаам и со Индија, поточно малото гратче Ришикеш. Таму бев со цел да стекнам нови и да ги продлабочам своите постоечки знаења од областа на јогата. Сега сум и сертифициран јога учител.

Деца на патот во северен Пакистан, омилена фотографија на Ана

* Две години живеевте во Исламабад, престолнината на Пакистан, каде што заминавте со Вашиот сопруг кој е дипломат. Што најмногу Ве фасцинираше од престојот таму?

- За време на нашиот престој имавме можност да се запознаеме со исклучително богатата култура и природна убавина на Пакистан, земја со која најчесто, за жал, се асоцирани неубави нешта. Едноставно кажано, се вљубив во прекрасните северни предели, долината на Хунзите, храната, музиката и пријателски настроените домаќини.

„Насоката во која би сакала да се движам е концептуалната и уметничката фотографија“

* Доаѓате ли често во Македонија? Што најмногу Ви недостасува одовде?

- Во Македонија доаѓам релативно често, секои 3-4 месеци. Најмногу ми недостасува непосредноста и срдечноста на нашите луѓе, чувството да се биде „дома“ меѓу своите со сите доблести и маани, а не странец, и можноста да зборувам на мајчин јазик.

* Дали сè уште ги следите случувањата на македонската естрада?

- Не во толкава мера во која веројатно би требало. Верувам дека најдоброто, сепак, не го пропуштам.

Ѓорге Стојанов