Секоја вечер го молам Господ, да ми се јави барем во сон, да му го видам лицето и да го прегрнам: Александра за својот син, ракометниот репрезентативец Марко Божиновски, кој почина на 20 години

Добивај вести на Viber

Спортскиот центар „Ново Лисиче“,во иднина ќе го носи името на Марко Божиновски, младиот ракометар кој летово ненадејно почина во сон. Божиновски го носеше дресот на суперлигашот Бутел и на македонската кадетска и младинска репрезентација. Тој живееше во населба Аеродром и важеше за голем навивач на МЗТ Скопје.

Александра Божиновска, мајка на ракометарот, вели дека нивната трагедија допрела до многу луѓе, но и многу деца. Ги натерала да го сменат начинот на размислување и да уживаат во секој миг.

За да го сочуваат ликот и делото на својот син, планираат да отворат фондација „Марко Божиновски“, за да помогнат на многу млади луѓе да успеат во спортот. Пред сé на тие кои се таленти, а немаат можности да инвестираат во развој на својата кариера.

* Во какво расположение беше вашиот син кога се врати дома, вечерта по завршувањето на натпреварот помеѓу ракометните клубови Бутел и Еурофарм Пелистер 2?

- Тој ден за жал не се видовме, бев на работа, а тој во меѓувреме дошол дома, ги зел дресовите, ранецот и заминал на натпревар. Во текот на денот правеше планови каде ќе оди со соиграчите по натпреварот, да го прослават успешното завршување на сезоната. Се слушнавме неколку пати во текот на денот, праша дали може да дојдат во нашиот стан. Секако дека одобрив. Решивме да се слушнеме повторно по завршувањето на натпреварот. Имаше желба да дојдам на тој натпревар, но му реков дека не е можно поради Ковид мерките. Но, тој во негов стил ми рече: „Ајде дојди, ќе најдеш начин како да влезеш.“ Жал ми е што одлучив да не отидам. Речиси никогаш не ги пропуштав неговите натпревари. Ама поради ситуацијата одлучив сепак да бидам совесна и да ги почитувам мерките. Посакувам да не беше така.

* Имаше ли обичај по секој одигран натпревар да ја анализира својата игра, да споделува впечатоци и да биде самокритичен?

- Да. Пред секој натпревар се подготвуваше и гледаше видеа од противничкиот тим. Особено како голманот брани и каде може да му шутира. Беше многу самокритичен, грешките ги признаваше, никогаш не префрлаше вина на соиграч кој за време на натпревар не го дал максимумот и поради тоа изгубиле. Неговиот одговор секогаш беше – како тим победуваме, како тим губиме. Доколку имаше забелешка кон некого, телефонски ќе се слушнеа, ќе се видеа и ќе си упатеа пофалба или критика.

Имаше огромна почит кон женскиот род

* Што во кажа пред да си легне, пред да престане да чука неговото срце?

- Кога заврши натпреварот ми се јави, ме праша како играл, му реков супер. Неговиот одговор беше: „Можев и подобро, но ајде мајка си ми, па си субјективна.“ Рече дека ќе останат во сала да слават, па потоа ќе оди во станот. Подоцна преку порака го прашав каде е. Ми кажа дека се собрани кај еден соиграч, дека ќе останат додека помине полицискиот час. Мојот одговор беше: „ОК ако си таму“ и тоа беше нашата последна порака. Утрото неговиот соиграч и другар го префрлил кај баба му. Мајка ми станала, го прашала дали е гладен. Бил насмеан, среќен и спокоен, се шегувал со неа. И’ рекол да го остави да се одмори, бидејќи попладнето повторно требало да се види со соиграчите. И отишол да легне. Мајка ми околу 8 часот отишла во соба да провери дали е сé во ред со него. Заспал слушајќи музика. Му ги извадила слушалките од уво. Тогаш се свртел на другата страна и потонал во вечен сон.

* Многупати се става сомнеж на начинот како се врши деталниот преглед на македонските спортисти. Една недела пред да почине Марко, несреќа доживеа уште еден млад спортист. Одеше ли редовно на тие прегледи? Имаше ли вашиот син некои здраствени проблеми?

- Ова прашање е одлично, ама и тешко да се одговори. Да, одат на редовни прегледи, но сметам дека тие прегледи се вршат многу рутински. Дури сум имала можност да слушнам од децата дека воопшто не им се обрнува внимание, дека лесно се добива тој печат дека се здрави и дека сé е во ред со нив. Би сакала да апелирам до сите клубови на време да водат повеќе сметка околу тоа, а не откако ќе се случи нешто. И не само клубовите, туку и самите родители, па и играчите. Да не се занемаруваат симптоми на замор, краток здив, отежнато трчање. Марко редовно одеше на тие прегледи. Го носевме и на приватни прегледи бидејќи пред 7-8 години кај него се појави некој WPW синдром. Тоа значи дека доколку се активира тој синдром, а кај него никогаш не се случи тоа, може да добие забрзано чукање на срцето или тахикардија. Откако ни го дадоа тој наод, бевме на консултација кај многу лекари. Го пративме и во Германија, Србија, Англија, Бугарија. Ставот на сите кардиолози беше дека не гледаат причина Марко да не се занимава со спорт. Напротив, препорачуваа да продолжи, бидејќи тој наод и тоа ЕКГ не покажуваат дека има таков синдром. За да се открие и да се утврди истиот, требало да се изведе некоја постапка и со сајла и камера да се сними тоа. Ја отфрлија дури и можноста дека го има тој синдром. Рекоа дека е во развој и дека е нормално при нагло растење да има промени кај децата. Кога Марко почина, бевме преплашени дека тоа е причината. Но, по извршената обдукција, кај Марко беше констатирана дијагноза Myocarditis, односно воспаление на срцевиот мускул. Тоа е болест на спортистите, од тоа се починати многу млади спортисти низ годините. Ниту алкохол во крвта, ниту било какви недозволени супстанци – едноставно добил грч на срцевиот мускул во сон. Имаше нагаѓања дека причина за смртта е откачен тромб поради прележана корона, но дијагнозата е исклучиво Myocarditis. Ја прашавме докторката дали тоа има врска со тој синдром од пред 7-8 години, но одговорот беше категорично НЕ. Тој и самиот не знаел што му се случило, ниту пак имал било какви симптоми. Исто така ни беше посочено дека за ова нема превентива, ако не го бараш миокардитот тој нема да даде симптом. Барем не кај спортисти во одлична физичка форма.

* Марко беше дете на Аеродром. Дали од мал покажа афинитети кон спортот, ракометот кој е запишан во вашите фамилијарни гени?

- Да, Марко беше дете на Аеродром и беше горд на својата населба. Марко беше дете кое на една година навечер стануваше да гледа НБА кошарка, го обожаваше Владе Дивац во тоа време, Дејан Бодирога, нормално Коби Брајант. Омилен клуб му беше МЗТ, живееше за него. Вратата од неговата соба и денес ги има сите можни лепенки од МЗТ. Како и на татко му, и нему тој клуб му беше живот. Многу сакаше да гледа и фудбал, навиваше за Арсенал и не ретко тетка му Маја која живее во Лондон му купуваше билети за да го гледа својот омилен клуб. Со топка стануваше, со топка си легнуваше. Искрено мислевме дека кошарката ќе му биде животна определба, но со текот на времето се насочи кон ракометот. Неговиот вујко Данило Брестовац му беше идол, во секој поглед. Љубовта кон ракометот ја наследи од сите нас кои бевме верни навивачи на Вардар, особено во периодот кога Данило бранеше за тој клуб. На прв тренинг го однесе нашиот другар кој е и ракометен тренер Андон Доне Бошковски кај Благоја Весиќ, и од тогаш мислам дека никогаш не пропушти тренинг. Имаше осум години кога почнаа заедно со Мартин Серафимов да тренираат и да редат успеси.

* Како го минуваше детството?

- Како и секое нормално дете. Со топката пред зграда, прво со децата од маало, потоа се прошируваше кругот на другари од училиште, па од ракомет, од репрезентација... Сакаше многу да биде со луѓе, да се дружи, беше многу весело, несебично дете. Многу чувствителен кога некој од нему блиските е во тешка ситуација и секогаш бараше начин како да се помогне. Памтам во прво или второ одделение кога доје дома и ми побара 300 денари. За толку мало дете тие пари се големи и го прашав зошто му се. Не сакаше да ми каже, но видов дека е многу вознемирен, а солзи му се тркалаа по лицето. Полека, полека го убедив да ми раскаже. Девојче од неговото одделение кое било од скромно семејство немало да дојде на екскурзија бидејќи за неа немало кој да плати. Секако дека најдовме начин како да помогнеме, но во тој момент немаше погорда мајка од мене кога му ги дознав намерите. Марко беше особено близок со женскиот дел од нашето семејство – со мене како мајка и најдобар другар, со тетка му, баба му. Сестра му Аника му беше идол. Имаше огромна почит кон женскиот род. Не сакаше наметнати авторитети, многу му пречеше односот постар - помлад во спортот и начинот на кој се комуницира и покажува сила или се изнудува респект. Многу сакаше деца, почитуваше помали од себе, ги обожаваше другарите на татко му кои ги нарекуваше браќа свои, своите роднини, братучеди.

Другарите му беа сé на светот, беше подготвен сé да направи за нив

* Спортот бара дисциплина, одрекување од многу нешта. Тоа е причина што многу талентирани деца се откажуваат да станат професионални спортисти. Како Марко ги усогласуваше тренинзите, учењето и дружбата со врсниците?

- Тоа дете имаше време за сé. Никогаш не сум го будела за на тренинг, самиот си стануваше, сам си подготвуваше опрема, заминуваше, се враќаше. Со училишните обрски не се снаоѓаше секогаш најсјајно, не поради него. Во принцип младите талентирани спортисти кои учат во подобри гимназии не наидуваат на никакво разбирање. Од професорите добивате одговор како на пример: „Што не си го запишете во спортска гимназија?“ Ретко кој професор застанува зад вакви деца кои се таленти, кои ги бранат боите на нашата држава. Секако имавме разбирање од поединци, од класната Бети и неговата најсакана Teacher Тања. За дружба имаше секогаш време. Ќе се слушневме по неколку пати во денот, на секое јавување тој беше на различна локација и со различно друштво. Денот му беше прекраток за сé, а сакаше секаде да стигне. Другарите му беа сé на светот, за нив беше подготвен сé да направи.

* За што мечтаеше Марко? Кој му беше најголемиот сон? 

- Марко беше многу интересно дете, секогаш имаше големи соништа, дури и буден сонуваше. Успех во ракометот му беше животен сон, да заигра во големи клубови и да направи кариера како многу наши успешни спортисти. Ми велеше: „Мамо, јас ќе бидам голема ѕвезда, не си свесна колку ќе се гордееш со мене. “ Јас ќе се насмеев и ќе му речев: „Ма јас сум горда што те имам, ништо друго не ми е важно. На секоја мајка би и’ посакала да има такво дете. Тој не беше само мој син, тој ми беше и најдобар другар. Секој проблем заедно го решававме. Мојот сопруг не можеше да разбере што е тоа што за што треба да разговараме во два или три часот наутро кога ќе се врати дома. На Марко му беше важно се’ да сподели со мене, да се насмееме заедно или да искоментираме некоја случка. Знаеше во доцните часови да се јави на братучетка му Ана Марија со која живееме во иста куќа и да ја викне да дојде да си „трачариме “ малку сите тројца. Немаше шанси да се врати од некаде, а да не ме бакне. Ќе ме види заспана, знае дека сум го чекала, ќе ме бакне и тивко ќе ми каже: „Тука сум мајче, можеш сега мирно да спиеш.“ Не беше лажно скромно дете. Беше човек со јасна визија за својата кариера, сакаше многу да постигне. Некогаш не беше доволно трпелив и брзо се разочаруваше, но наша работа беше да го освестиме дека неговиот успех допрва доаѓа и дека за се треба упорност и трпение. Кај него лутината траеше некоја минута и повторно на неговото лице се враќаше онаа прекрасна насмевка и огромна животна радост.

* Во миговите на најголема болка, треба да се најде одговор на прашањето како понатаму. Тогаш почнува и најголемата борба со самиот себеси, која човекот може да ја замисли. А, смислата на понатамошниот живот е производ токму на таа борба. Успеавте ли на некој начин да се вратите на секојдневните обврски?

 - Овој одговор е најтежок. Не постои утеха, не постои збор со кој би можела да ви опишам каква е оваа тишина и празнина. Ми отиде сета радост, ми отиде моето најмило дете, моето сé. Стануваш секое утро и си велиш ајде ќе помине и овој ден. А навечер се молам на Господ да ми се јави барем во сон, да го видам тоа мило лице, да го прегрнам и барем гласот да му го слушнам. После таква трагедија, потворно учиш да одиш, да мислиш, тоа е некоја нова реалност на која треба да се навикнеш. Моментално сила ни дава ќерката Аника, која е едно прекрасно дете и заслужува да има родители покрај себе кои се силни, храбри и полни со љубов. Моите чувства се најдобро опишани во песната „Глас“ од Гане М.Тодоровски.


ГЛАС

Пак ме сонуваше, нели?

Не реков: не. Не пуштив гласен крик.

Сон си ми, сон си ми, бдеења цели,

секој ден, секој час, секој миг.

Сон биди, сон што ме мами,

сон в денот, ден в сонот, сон будно бладање.

За да се разберам колкав сум самик,

да го зачекорам честакот Човешко Страдање.

Пак ме сонуваше, нели?

Да реков: да, ќе пуштев гласен крик.

Сон си ми, сон си ми, бдеења цели,

сон вечен, вечна недостиг.

* Беше омилен меѓу другарите, пријателите, соиграчите. Ја продолживте ли комуникацијата со нив?

- Да, многу сум горда на неговите другари кои се секогаш тука, за сé што треба. Многу ми значи кога ќе дојдат да нé видат, чувствувам спокој тогаш, како да е и тој тука. Има и такви деца кои не знаат како да се справат со оваа трагедија, не доаѓаат, но знам дека тагуваат. Оваа трагедија допре многу луѓе, многу деца... Во разговор со нив заклучувам дека смртта на Марко ги натерала да гледаат на животот на поинаков начин, да уживаат во секој момент. Најмногу ме допре фејсбук статусот на неговиот другар Евгениј Темелкоски кој точно го опиша Марко каков е како другар. Тој гласи: „Не сум човек што пишува вакви работи, ама не можев да издржам. Памтам на овој ден пред две години му се налутив на Марче оти не ме покани на роденден. Тој ми се јави и ми рече: „Гене, ти луд си? Јас планирам заедно да ги дувниме свеќите, а ти чекаш покана за мојо роденден? Со тек на време сфатив колку ме сака и колку му значам на ова дете, а исто така сфатив колку го сакам и јас него. Нонстоп се каравме и му се лутев ама него мува не го лазеше и на крај ќе ми речеше: „Бато фала ти што постоиш". Се обидувам да станам насабајле и да го гледам светот како што го гледаше ти, ама не можам. Не можам оти ти беше еден и единствен што живееше така, правеше сé што ти е убаво на душичката и затоа беше среќен и насмеан секогаш. Лут сум Марко, лут сум оти нештата понекогаш во животот не се фер. Лут сум оти те нема. За ова нема лек, за ова има само навика на живеење без тебе, брате мој. Ќе живееш вечно со нас, Марче. Ние ќе ги чуваме твоите, а ти чувај нé нас од горе. Фала ти што постоеше, ќе се видиме пак“. Неговите другари организираа огромна фешта за неговиот роденден на игралиштето Ентер каде се собираа секој ден, со музика како што тоа Марко би го сакал. Учествуваа на меморијален турнир и победија. Неговиот другар Диме, кој е професионален фудбалер и покрај тоа што не беше опоравен од короната, сепак влезе да игра за да го освојат турнирот во чест на Марко.

* Одите ли на ракометни натпревари?

- Да, но не често. Бев два пати на натпреварите на РК Бутел и два пати на Вардар. Одам да ја бодрам и внуката која игра во РК Чаир и која во чест на Марко го зема бројот 9 и на дресот напиша Марче. Ми треба уште многу време да се навикнам на тоа дека тој не стои во аголот како лево крило, туку некој друг. Колку и да сум горда на скандирањата во негова чест, солзи сами навираат. А најмалку што сакам е моето присуство во салата да ги растажува другарите, соиграчите, навивачите.

Не живеам, само функционирам

* Психолозите велат дека животот кога ќе се изгуби дете, не е веќе ист. Размислувањата, плановите, постоењето во почетекот се бесмислени, но со текот на времето добиваат некоја поинаква смисла. Сепак постои нешто, што барем малку ја олеснува болката. Тоа се спомените и сеќавањата. Салата „Ново лисиче“ ќе го носи името на вашиот син. Како ја доживеавте оваа одлука на општината?

- Животот кога ќе се изгуби дете не е веќе живот. Не живееш туку само функционираш и затоа кога ќе ме прашаат како сум, велам – функционална. Оваа наша лична трагедија одлучивме да не ја претвориме во патетика, туку да се избориме со болката и да го продолжиме патот на Марко, како што доликува, на неговиот лик и дело. Иако се работи за младо дете, неговото заминување допре многу срца, многу луѓе ни дадоа поддршка, пријатели наши, роднини, но и познати и непознати луѓе. Иницијативата салата да го носи името на нашиот Марко беше предлог од другарите на Марко, Фемили Аеродром како и од нашите другари. Огромна благодарност до Градоначалникот и Советот на Општина Аеродром, работата ја истуркаа, па потоа нé информираа дека е изгласано салата да го носи името на Марче. Како ракометар и жител на Аеродром, во својот краток животен век, Марко, остави траги, неспорно како во спортот, клубовите, така и кај сите млади луѓе во неговиот Аеродром. Неговиот сон за квалитетен спортски дух во Аеродром и за нови и нови победи - продолжува. Општина Аеродром го продолжи!

* Најавени се и други активности во знак на сеќавање на вашиот син. Може ли да ни откриете дел од нив?

- Имаме големи планови, пред сé отворање на Фондација Марко Божиновски и преку која ќе се обидеме да помогнеме на многу млади луѓе да успеат во спортот, пред сé на оние кои се таленти, а немаат можности да инвестираат во развој на својата кариера. Ќе спонзорираме деца да се надоградуваат во спортот и ќе одат на доусовршување на летни кампови. За роденденот на Марко кој е на 11.09 ќе се организира и меморијален турнир во ракомет и уште многу други активности за кои ни треба време да ги испланираме и спроведеме на дело. Ќе се трудиме да ги слушнеме и поплаките на младите спортисти кои се соочуваат со препреки при градење на својата кариера, да им помогнеме преку ангажирање на стручни лица кои ќе ги застапуваат нивните права, а една од најважните задачи ќе ни биде да ја подигнеме свеста за здравјето на тие млади деца, да одат на редовни прегледи кои квалитетно ќе бидат извршени и да не се дозволи било кој родител да ја доживее нашата судбина. Да не ме разберете погрешно, ние не обвинуваме никого и за ништо, но сметам дека битни работи кај нас многу лабаво се сфаќаат, прегледите им се и на децата како рутина, а тие се всушност клучни за нивното здравје и успех. Имаме уште многу планови на кои работиме, тука ни помагаат многу млади спортисти со свои идеи и искуства, тренери, но и стручни лица од странство.


Соња Алексоска Неделковска