Што останува кога човек ќе замине (Cale isihã Michi, ti etã va ti adutsem amite)
Што останува кога човек ќе замине
и зад себе ќе остави црнина,
души нагризани од неспокој
и празнина која е полна болка
како бунар од солзи непресушни?
Што останува кога човек ќе замине
а кој некому бил почеток и крај,
изгрејсонце и зајдисонце,
светлина во најтешките мигови
и надеж во безнадежноста?
Што останува кога човек ќе замине,
тогаш кога по ниту едно мерило
времето не му било за да се збогува
и да ја пресечи врвцата
меѓу двата света, двата универзуми?
Што останува кога човек ќе замине
тивко и кротко каков што бил,
со срце полно љубов за најмилите
и мисла посветена на нив и нивната среќа,
знаејќи дека ќе мора да ги остави?
Што останува?
Што ли само останува после нечие заминување
за кое нема начин човек спремен да го дочека?
Останува љубовта,
која никојпат не си заминува
и која утеха ќе остане засекогаш.
Остануваат грст спомени,
кои ќе греат и тогаш
кога се зимите најстудени и најсурови.
Ќе остане ликот негов,
врежан во очите на саканите
и ехо од зборовите негови,
чија мудрост за навек ќе живее.
Ќе остане печат од постоењето негово
кој ќе се провлекува низ поколенијата,
за во нив повторно ликот да му светне.
Нема зборови, не постојат зборови
за сочувство кон најблиските,
кои иљач ќе бидат за да секне плачот
туку само мисла упатена кон нив,
за да знаат дека сами не се.
Мисла-мост меѓу нивната тага
и патот по кој сите чекориме,
за повторно еден ден да се сретнеме
на некое поубаво, помирно место,
со сите кои сме ги загубиле
а кои во нас дом имаат дур живи сме.
Има луѓе...има големи луѓе,
кои кога заминуваат од нас
и ѕвездите светат деноноќно,
за да им го осветлат патот до вечноста.
(Во чест на Михајло Порчу...сочувство до семејството)
Ана Бунтеска