Сликовницата „Девојче и мече“ од Ване Костуранов ќе биде промовирана во Струмица

Добивај вести на Viber

Сликовницата „Девојче и мече“ од познатиот македонски илустратор и уметник Ване Костуранов ќе биде промовирана утре (петок, 31 мај 2019 година) во Струмица. Промотивната средба во родниот град на Костуранов ќе се одржи во кафулето „Саут сајд коктел бар“ (South Side Cocktail Bar), со почеток во 19 часот.
Книгата, која е во издание на „Либи“, дел од „Арс Ламина – публикации“, е топла, сонувачка приказна за другарството и за растењето.

Едно девојче и едно мече ни ги отвораат вратите од нивниот свет, кој е исто толку обичен, колку што е необичен. Поминувајќи го сето време заедно, тие откриваат многу нови работи. Откриваат дека колку побрзо го возат велосипедот, толку посилно ветрот им ја дува косата. Се искачуваат на највисоките ридови, обидувајќи се да ги допрат сончевите зраци. Уживаат во есента, играјќи си криенка со сонцето. Сѐ прават заедно, додека еден ден...

Авторот на книгата, Ване Костуранов, е роден во 1979 година во Струмица. Уште од мал повеќе сакал да се изразува со цртежи и слики, отколку со зборови. Неговата најголема желба – никогаш да не порасне, реши да си ја оствари сам, употребувајќи ги сликарството и илустрацијата како жива ограда од светот на возрасните. Својот светоглед го има споделено на повеќе изложби во земјата и во странство.
„Девојче и мече“ е втора сликовница за деца и возрасни на Костуранов, по успешната и наградувана „Ѕвездено дете“.

Настанот во Струмица следува во промоцијата на сликовницата минатиот месец во книжарницата „Литература.мк“ на улицата „Македонија“ во Скопје. Авторот одржа и дружба со своите читатели за време на годинашниот Саем на книгата, на штандот на „Арс Ламина“ и „Литература.мк“.

За време на саемот, „Девојче и мече“ ја освои првата награда за најдобро ликовно-графички уредено издание на доделувањето на годинашните награди од Македонската асоцијација на издавачи (МАИ).