Со промоција на „Скопски есеи“ од Јелена Лужина го одбележуваме Денот на ослободувањето на Скопје

Добивај вести на Viber

Во чест на Денот на ослободувањето на Скопје, утре (13 ноември, сабота), со почеток во 19 часот, ќе се одржи онлајн-промоција на книгата „Скопски есеи“ од Јелена Лужина. Онлајн-разговорот со авторката, која е позната по својата работа како преведувачка, театрологот и книжевен теоретичар, ќе го води уредникот на изданието Ведран Диздаревиќ, а ќе може да се проследи на фејсбук-страницата на издавачката куќа „Арс Ламина“.

Книгата е во издание на „Арс Либрис“, дел од „Арс Ламина – публикации“. Корицата е илустрирана со мотив од делото Старо Скопје (масло 1960) од Бранко Костовски.

„Скопски есеи: сказни за лица, персони и сенки“ е истовремено книга за минатото и за иднината. Во неа, со поглед наназад, авторката ги портретира големците што оставиле трага врз македонската култура, почнувајќи од веќе подзаборавените Јосиф Михајловиќ и Аница Савиќ-Ребац; преку карикатуристот и сценограф Василие Поповиќ-Цицо; драмските писатели Бранислав Нушиќ и Душан Јовановиќ; поетите Светлана Христова-Јоциќ и Матеја Матевски; класичарката Љубинка Басотова и писателката Јадранка Владова; актерката и режисерка Тодорка Кондова-Зафировска, суфлерката Нада Прличкова; големиот Предраг Матвеевиќ, македонистот Петар Кепески и критичарот Димитар Митрев; и конечно, режисерот Љубиша Ѓеорѓиевски, веќе култниот Дејан Дуковски и, во последниот есеј, драматургот Коле Чашуле. Но, исто така, покрај тоа што ги спасува овие фигури од срамниот заборав, Лужина ни ги приложува нам, особено на помладите, како образец и идеал, за што сè можат да бидат Скопје и македонската култура.

„Природно е и нормално градовите да ги У-својуваме, а не да ги О-својуваме! И обратно: тие да нè У-својуваат нас“, пишува авторката, бидејќи „градовите стануваат ’наши‘ исклучиво поради она метафизичко ’вибрато‘ што го имаат или – просто – го немаат. Тие што некогаш го имале, ама потоа го загубиле.“ Заради оваа книга тоа „метафизичко вибрато“ продолжува да трепери низ сите оние што се сеќаваат и, сеќавајќи се, продолжуваат да творат без разлика на медиумот.

Јелена Лужина (1950, Дубровник) – театролог, книжевен теоретичар, критичар, есеист, преведувач. Дипломирала на Универзитетот во Загреб, каде што завршила постдипломски студии по книжевна теорија; докторирала на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје; четириесет и две години работела како универзитетски професор и како менаџер во културата. Од 1987 година, по сопствен избор, живее во Скопје. Ги втемелила Институтот за театрологија при ФДУ (1997) и Музејот на Македонскиот народен театар (2013/14). Конципирала и реализирала повеќе од 20 научно-истражувачки проекти од областа на театрологијата, од кои повеќе од половина биле меѓународни. Објавила 19 авторски книги (над 7.000 страници), пишувани на македонски и на хрватски јазик; приредила повеќе од 50 антологии, зборници, хрестоматии, монографии, енциклопедии... (над 20.000 страници), печатени во Македонија и во Хрватска, на македонски, на англиски, на хрватски и на италијански јазик. Интензивно преведува од/на повеќе јазици, најчесто драмски текстови и книжевна проза. Членка е на Друштвото на писателите на Македонија, на Друштвото на хрватските писатели и на македонскиот ПЕН-центар. Добитничка е на десетина книжевни и преведувачки награди, македонски и хрватски.

Книгата „Скопски есеи“ веќе е достапна во сите книжарници на „Литература.мк“ и онлајн преку www.literatura.mk.