Сопругата на претседателот, Елизабета Ѓоргиевска учествуваше на панел дискусијата „Визии и патувања“ во рамки на Павилјонот за жени ЕКСПО 2020 во Дубаи
Сопругата на претседателот, Елизабета Ѓоргиевска учествуваше на панел дискусијата „Визии и патувања“ во рамки на Павилјонот за жени ЕКСПО 2020 во Дубаи, Обединетите Арапски Емирати.
Заблагодарувајќи се за честа да биде дел од Павилјонот за жени ЕКСПО 2020 Дубаи и можноста да сподели ставови за родова еднаква иднина, сопругата на претседателот истакна дека истиот претставува одлична можност да се слушнат предизвиците на жените во денешно време и да се разменат искуства за неопходните чекори за подобрување на родовата еднаквост и зајакнување на улогата жените.
На панел дискусијата, сопругата на претседателот се осврна на предизвиците со кои жените се соочуваат денес, при што нагласи дека се потребни заеднички напори за да се поттикне женското лидерство. Ѓоргиевска истакна и дека е потребно жените и нивните потреби да бидат вклучени при креирањето на политиките и да се отстранат причините што ја попречуваат и оневозможуваат родовата еднаквост.
Во однос на застапеноста на жените во јавниот и политичкиот живот, Ѓоргиевска истакна дека Северна Македонија има донесено неколку законски инструменти за унапредување на застапеноста на жените. Исто така, посочи дека земјава ја ратификуваше Истанбулската конвенција и дека во тек се активности за нејзина операционализација во домашното законодавство.
Сопругата на претседателот, на маргините од учeството на Павилјонот за жени ЕКСПО 2020, во Дубаи оствари средби со Oхуд Калфан Ал Руми, државна министерка за владин развој и иднина на Обединетите Арапски Емирати, со државниот министер за вештачка интелигенција, Омар Султан Ал Олама, како и со Риим Ал Хашими, државна министерка за меѓународна соработка на Обединетите Арапски Емирати и главен директор на Павилјонот за жени ЕКСПО 2020 Дубаи.