Ставот на македонските жени за Осми март: Секој ден е борба, заедно да му се спротивставиме на секој погубен говор на омраза

Меѓународниот ден на жената Осми март се одбележува низ светот како дел од борбата за економска, политичка и социјална рамноправност на жените.
Овој ден е можност да се присетиме на важноста на жената во нашето општество, како и на бројните предизвици со кои таа се соочува.
Каков е ставот на нашите успешни жени во повеќе области за Осми март? Пратеничката на владејачката партија ВМРО – ДПМНЕ, Дафина Стојаноска е кратака и концизна во одговорот.
- За мене цел живот и секој ден е „борба“. За Осми март не прифаќам „примирје“ – посочува Стојаноска.
Пораката на Сања Лукаревска, пратеничка од редовите на СДСМ е „ниту стравот, ниту молкот не се опција. Не е опција ниту зборувањето напразно“.
- Осми март е мојата мајка, моите другарки, моите колешки, моите соборки, сите жени.
Осми март е женската солидарност, која не знае за вера, национална припадност, социјален статус, партиска боја, професионална наобразба. Овогодишната тема за Меѓународниот ден на жената е „Забрзајте ја акцијата“, што вистински симболизира дека мораме како жени да делуваме силно и храбро. Не само за Осми март, туку секој ден. Во едно од моите обраќања кон жените, имам кажано: „Ниту стравот, ниту молкот не се опција. Не е опција ниту зборувањето напразно. Затоа, ги повикувам сите жени, без разлика на сите наши разлики, заедно да му се спротивставиме на секој погубен говор на омраза. Тоа е и суштината – заклучува Лукаревска.
За Ели Пешева директор за комуникации во маркетинг агенцијата Њу момент, Осми март е потсетник за тоа колку жените од генерациите пред нас постигнале во борбата за рамноправност, на патот што го изоделе, борбите што ги воделе и наследството што ни го оставиле.
- Потсетник е за тоа и каде сме секојдневно, дека предизвиците се далеку од надминати и не чека уште сериозна работа. Потсетник да го одбележиме напредокот, но и потсетник дека не сме ниту приближно до посакуваниот резултат и потребна ни е континуирана акција против дискриминацијата и нееднаквоста. Во контекст дека, секој ден треба да е Осми март, е добро и денес и секој ден, поамбициозно да ги потенцираме придонесите на жените во науката, технологијата, уметноста, политиката, медиумите и многу други области, и да се поттикне создавање на општество каде што секој има еднакви можности за успех и развој. Да сме сочувствителни една кон друга, да се храбриме и поддржуваме. За современите жени, во чие друштво со задоволство сакам да припаѓам, без оглед дали се идентификуваат како феминистки или не, денес е ден за потсетување на солидарност и заедничка акција која ќе води до вистинска рамноправност и почит во општеството. Тоа е единствениот начин за градење подобар и праведен свет – посочува Пешева.
Проф. д-р Елка Јачева Улчар како дете родено во социјалистичко уредување на бившата федерална формација, Југославија, празникот Осми март, сè уште, по малку дури и носталгично го доживува како Празник на мајките кој ја враќа во детството, и ја потсетува на тоа со каква возбуда го собирала секое париче за да собере доволно и да ѝ подари на мајка и нешто повеќе од еден каранфил.
- Најсреќна бев кога Осми март паѓаше по Прочка. Тогаш не требаше да се грижам за пари. На Прочка по амкањето со јајце, дедовците и другите роднини на секој од внуците ни даваа по некој динар. Памтам дека една година Осми март падна во сабота, а Прочка следниот ден. Немав со што да купам подарок за мајка ми, која претходно ми рече дека сакала подарок баш на денот и дека потоа не се важело, веројатно сакала да не трошам пари на неа – открива професорката и дополнува дека откога и самата станала мајка на овој празник од својот син добивала најразлични подароци, смислени и направени од него.
- Два подарока памтам до денес. Првиот го добив кога Исток одеше во второ одделение. Беше тоа еден ѓердан од макарони, обоени во различни бои: една макарона црвена, друга сина, трета жолта … Вториот подарок е многу духовит. Се враќам дома на Осми март, син ми, тогаш единаесетгодишник, – го нема, а на масата во трпезаријата ме пречекува една црвена роза со фотографија врз неа. На фотографијата е сликана неговата соба со наместен кревет и со сè на свое место. Одзади на фотографијата пишуваше: „Секогаш кога ќе ти дојде да ме прашаш: – Исток, ќе ти го видам ли некогаш креветот наместен? – ти, погледни си ја фотографијава. Среќен 8 Март, мамо!“
- Денес, во првата деценија од втората половина на мојот животен век, сметам дека Осми март треба и мора да се врати на својот извор, и да биде поттик за освојувања на нови права на жените на глобално ниво кои треба да се темелат врз: родовата еднаквост, демократијата и демократските принципи, како и врз човековите права и слободи, воопшто. Во таа женска борба најголемиот акцент, секако, треба да биде ставен врз сузбивањето и оневозможувањето на секакво насилство врз жените: физичко, психичко, сексуално и емотивно – манипулативно. За да се постигне тоа, е потребна постојана акција која ќе ја ОХРАБРИ жената, ќе ѝ ПОМОГНЕ на жената да ја ОСВЕСТИ својата самопочит, ќе ѝ ја ВРАТИ самодовербата и, конечно, ќе ја НАУЧИ дека Сонцето еднакво грее и за неа и за мажот, па оттука нема ниту привилегиран ниту посилен или послаб пол! – заклучува проф. д-р Елка Јачева Улчар.
Д-р на мед. науки Камелија Бушлетиќ, специјалист по пулмологија во Аџибадем Систина вели дека ова е ден на храбрите руски жени од 1917 година, кој им го посветил Ленин.
- За жал и во 2025 година, сè уште зборуваме за правата на жената – дополнува докторката.
Според Гордана Нацева, легенда на женскиот ракомет, различни жени различно го доживуваат и празнуваат празникот на жената.
- Но, во основа според мене има две значења: Прослава на достигнувања на жената во економската, културната, спортската, политичката сфера низ историјата до денес и борбата за родова еднаквост, и оддавање почит на сите оние жени кои се бореа за женските права кога жената истите ги немала – ставот е на Нацева.
Соња Алексоска Неделковска