Стефан Николовски- Моден фотограф: „Колку повеќе вложуваме во себе толку повеќе и ќе добиеме“
Стефан Николовски- Моден фотограф: „Колку повеќе вложуваме во себе толку повеќе и ќе добиеме“
Талентот и пасијата на Стефан кон фотографијата, ги забележав сосема случајно на социјалната мрежа Инстаграм. Она, што го задржа моето внимание беше перфекцијата на самата креативност во поглед на модната фотографија. Без претерана употреба на фотошоп, успешно доловување на карактерот на самиот модел, но и главната порака на самиот бренд, моќта на едноставноста, и софистицираноста претставена преку објективот. Зад себе, Стефан има доста успешни домашни и меѓународни соработки.
Сталожен и аналитичен, скриен перфекционист, талент кој суптилно го освојува модното око, насмеан и креативен се првичните зборови што би ги употребила за да Ви го доловам Стефан Николовски. По професија правник, но љубопитноста кон фотографијата го има однесено во модните професионални води, каде освојува на свој начин.
Денес, во опуштена атмосфера и добро кафе, зборувавме со Стефан Николовски малку повеќе на оваа тема.
Женски Магазин: Вљубеник во фотографијата, пасија и талент прикажани преку леќите на фотоапаратот. Од кога започнува Вашата приказна поврзана со фотографијата,?
Стефан: Опсесијата према фотографијата можам да кажам дека започнува уште од моето запознавање со првите дигитални фотоапарати за домашна употреба, а вистинското вљубување следеше понатаму во средношколските денови. Се што се случуваше потоа во таа насока, секое мое надградување, труд и работа помогнаа мојата пасија да премине во професија
Женски Магазни: Кои се Вашите критериуми за да се направи добра фотографија?
Стефан: Па во фотографијата, особено модната фотографија, скоро и да не постојат критериуми кои би требало да се следат со цел да се добие добра фотографија. Фотографијата е уметност која се сведува во крајна линија на вкусови. Според мене најважно нешто треба да се следи при какво било креативно изразување е сопствениот вкус и идеја. Само на тој начин ќе успееме да добиеме дело кое ќе не претстави нас како уметници, и со тоа истото ќе успее да се издвои од останатите.
Женски Магазин : Фотографијата е широко поле на креативност, но што Вас највеќе ве инспирира да сликате?
Стефан: Токму така, кога станува збор за креативноста и инспирацијата граници не постојат. Секој еден детал од секојдневието може да ме инспирира за моето следно дело. Во полето во кое јас творам, модната односно портретна фотографија неисцрпна инспирација можам да кажам дека ми е убавината.
Женски Магазин: Се занимавате професионално и со модна фотографија, каде успешно и гордо стоите зад многу професионални соработки со јавни личности меѓу кои Елена Ристеска, La MartinaMonroe, и уште многу други.
Женски Магазин: За да се добие квалитетна модна фотографија, кои фактори се сепак клучни за крајниот посакуван резултат?
Стефан: Висок степен на креативност. Тоа е прво и основно правило во овој бизнис. Нон-стоп треба да имаме свежи идеи, бидејќи секогаш може да се појави некој нов којшто ќе е покреативен и набрзина ќе успее да не засени. Колку повеќе создаваме интересна и свежа содржина, толку подолго ќе опстанеме и ќе сме релевантни.
Второ, тимот со кој работиме. Исклучително значаен фактор при создавањето на добра фотографија. Со секој еден член вклучен во процесот на создавање мора да сме на иста бранова должина, со цел да го добиеме посакуваниот резултат со којшто сите ќе сме среќни и задоволни на крајот, ова се надоврзува и на следниот фактор, а тоа е позитивната енергија која мора е присутна за време на целиот тој процес. Таа енергија најмногу зависи од фотографот бидејќи тој е најодговорен за се она што се случува на самиот сет, односно флуидот помеѓу соработниците.
Женски Магазин: Често патувате и споделувате фотографии на Вашиот Инстаграм профил од авантурите низ светот. Кое место Ве инспирирало највеќе?
Стефан: Секое место инспирира на сопствен начин, навистина не можам да се одлучам за некое конкретно место дека ме инспирирало најмногу, но паметам дека кога се вратив од Америка минатата година добив еден тотално нов импулс, творечки порив којшто сметам дека го промени и мојот уметнички правец на некој начин. Така што секое место и тоа како придонесува за нашето целокупно изразување па токму затоа уметноста и патувањата веројатно се сметаат за комплементарни.
Женски Магазин: Каков тип на апарат користи Стефан Николовски?Стефан:Моментално го користам Nikon D750. Но опремата сметам дека не игра голема улога при создавањето на личниот печат на еден уметник.
Женски Магазин: Кои фази Ви се најомилени од целиот процес на сликање, а кои најтешки?
Стефан:Апсолутно уживам во секој сегмент од целиот процес. Од склопувањето на самата идеја па се до реализацијата и реакцијата на публиката. Како за сите, најмачен дел е обработувањето на фотографиите, односно постпродукцијата, бидејќи изискува долги часови понекогаш и денови седење пред компјутер и обработување, но токму затоа сатисфакцијата по добро обработена фотографија е голема.
Женски Магазин: Фотограф на чија работа му се восхитувате?
Стефан: Па има навистина многу фотографи во светски рамки чијашто работа ја почитувам, како звучни така и не звучни имиња. Од светот, засекогаш омилена мислам дека ќе ми остане Camilla Akrans, а ако треба да издвојам некој од нашата држава би ги споменал Ани и Дими, коишто ја имав и честа да ми се инструктори и воопшто поддршка кога почнував.
Женски Магазин: Сметате дека за да се направи добра фотографија е пред сѐ потребно добра обука, одредено образование на таа тема, или сепак сметате дека би можеле да се потпрете и само на талентот?
Стефан :Талентот без некаква подлога мислам дека не би можел да издржи долго, особено не кога зборуваме за некое професионално делување. Но каква и да е подлогата, најзначајно е континуирано и неуморно да се работи и да се надградува. Колку повеќе вложуваме во себе толку повеќе и ќе добиеме.
Женски Магазин:Што би им препорачале на сите вљубеници во фотографијата?
Стефан:На сите оние кои планираат да навлезат во оваа индустрија, би им препорачал да не се обесхрабруваат, многу да работат и да веруваат во сопствената идеја и вкус. Да не прифаќаат проекти кои не им се интересни, односно да се фокусираат исклучиво и само на тоа што нив им е предизвик, бидејќи само на тој начин ќе успеат да ја изградат својата препознатлива естетика.
Инстаграм:@stefannikolovski1
За Женски Магазин
Нина Беадер - Моден Колумнист и Lifestyle блогер
Инстаграм: @beadernina