Стефановска: Треба да има општествена и психолошка одговорност за насилството меѓу врсниците
Живееме во општество каде постои дисторзија на моралните вредности, вели психологот Христина Стефановска коментирајќи ги последните инциденти каде во Неготино во училиште девојче беше претепано од соученички, скандал имаше со ученици од истиот град кои беа оставени во Италија додека биле на екскурзија и случајот од пред неколку дена во Скопје во кој ученик прободе врсник со нож.
Стефановска вели дека насилството меѓу врсниците или познато како Булинг е секоја форма на непосакувано и агресивно однесување во училиштата, кое не застанува таму, туку продолжува да ги следи децата во домот преку интернет мрежите. Објаснува дека сето тоа е преточено како: вербален булинг со користење навреди, закани, и злобни и непристојни коментари, социјален булинг или повредување на нечија репутација и однос со останатите врсници, ширење лаги и наговарање на друштвото да отфрлат некого, физички булинг кој го инволвира физичкото насилство.
„Кога децата ќе направат некаква грешка, тие најчесто чувствуваат две морални емоции: срам и вина. Најефективен начин за да се реагира кога дете ќе се однесува лошо е да се покаже вистинско разочарување. Децата најдобро реагираат кога ќе видат дека нивните родители се разочарани. На ваков начин децата развиваат стандарди по кои го рангираат нивното однесување, развиваат емпатични чувства кон другите, развиваат морален идентитет и се тоа води до градење на една одговорна и грижлива личност. Ако сакаме нашите деца да се грижат за другите луѓе, подобро да ги научиме да чувствуваат вина отколку да се срамат, ако нешто не направиле како што треба. Тоа е уште еден факт, сè ни трга од семејството и семејните односи. Секоја форма на насилство треба да се пријави кај наставниците, психологот, директорот. Секој училишен психолог е должен да си изнајде решение за проблемот, да му помогне на детето кое го доживеало булингот и да ги подготви неговите родители како да се справат со стресната ситуација во која се наоѓа детето. Секако и разговор со детето-насилник и неговите родители за да се дознае причината за неговото однесување и да му се понуди помош“ – вели таа за Фактор.