Сумамед-мит или вистина: Проф.д-р Никола Лабачевски, директор на Институтот за фармакологија при Медицинскиот факултет

Нема релевантен извор со доволно податоци дека некоја терапија во овој момент овозможува лекување на коронавирусот со стоотстотна сигурност, вели проф.д-р Никола Лабачевски, директор на Институтот за претклиничка и клиничка фармакологија при Медицинскиот факултет, УКИМ Скопје. 

Низ светот во моментов се тестираат неколку разни терапии за справување со новиот коронавирус, а вестите за извесниот напредок при лекувањето со експерименталната комбинација на антибиотикот Сумамед и антималарикот Хлорохин, деновиве, предизвикаа многу возбуда меѓу граѓаните, можеби и повеќе отколку во медицинските кругови.

-Таа позитивна реакција на заболените од коронавирусот на антималарикот Хлорохин е позната од порано, уште од справувањето со претходните епидемии на другите типови коронавируси, како што беше САРС, на пример.  Не располагаме со сите неопходни податоци и не може во овој момент да се заклучи дека оваа терапевтска комбинација може да излечи од КОВИД-19 со целосна сигурност, но бидејќи не постои ништо подобро досега, кога би имал потреба од тоа, јас лично би се обидел со оваа терапија – вели Лабачевски.

Хлорохин е антималарик кој, освен за превенција и лекување на маларија, се користи и како лек за лекување на ревматоиден артритис и лупус еритематозус.

-Овој лек не е  регистриран кај нас, бидејќи поради малата потрошувачка на лекот ниту еден од производителите во светот не нашол интерес за тоа. И покрај тоа, лекот во мали количини е увезуван за да се задоволат потребите на луѓе кои патуваат во земји кајшто има маларија и малиот број на пациенти со двете претходно споменати индикации – вели Лабачевски.

Како да се справиме со овој здравствен предизвик пред кој е исправен светот и која е најдобрата терапија?

-Calma, што би рекле Италијаните – одговара др. Лабачевски.

Тоа на италијански би значело - тивко и спокојно, без паника. Иако терминот не е баш најсоодветен, со оглед на ситуацијата со коронавирусот во Италија, додава Лабачевски.

-Следете ги препораките од Министерството за здравство и внимавајте на себе, вели тој, што во моментов се чини е единствената опција со која би можело да се смири ширењето на вирусот и да им се даде време на медицинските истражувачи постојните сознанија за новиот вирус да ги насочат во адекватна терапија и, во некоја иднина, и во соодветна вакцина.

Јасна Франговска