Светска награда за документарниот филм посветен на легендарниот кошаркар Буштур:„Ова е најголемата победа“

Добивај вести на Viber

Филмот „Среќна 13“ за легендарниот „Буштур“  ја доби наградата MENTION D'HONNEUR во категорија документарци - тимски спортови на ФИКТС фестивалот, којшто е поддржан од Интернационалниот Олимписки Комитет, во конкуренција од 130 филмови од 5 континенти. Настанот Sport movies & TV кој се одржа во Милано, Италија претставува финале на Светско првенство, со настап на најдобрите филмови од континенталните натпреварувања. За наградата е  заслужна цела екипа на МТВ која работеше на филмот.

- За нас е привилегија и задоволство што во краток временски период освоивме две награди. Во Златибор кога се квалификувавме за Милано и сега. Сакам да им се заблагодарам на сите кои што учествуваа во создавањето на овој документарец и да посакам да создаваме уште - ни изјави режисерот Тони Ристовски.

Документарниот филм „Среќна 13“ посветен е на ликот и делото на легендата на македонската кошарка Благоја Георгиевски – Буштур. Во улога на сценарист се појавува познатиот спортски коментатор Тони Стојановски.

- Убаво е кога се освојуваат награди, нема збор за тоа, но уште поубаво е кога на плакетата ќе ви напишат Македонија. Лично за мене тоа е најголемата победа. Втората е што во завршната трка Македонија со својот претставник, документарецот "Среќна 13-ка", стоеше рамо до рамо со филмови од Германија, Шведска, Чешка, Бразил и Австралија- истакна сценаристот Стојановски.

ФИКТС (Federation International Cinema Television Sportif) е единствена признаена Федерација од ИОК за спортски филмови. 

-Ах бре политиканти наши, кога се сака, дури и во срцето на "Недојдија" кон којашто не туркате насила, само за ваши интереси, скромен и стамен Македонец може да извојува ваква победа за Македонија! "Дајте ми лост и ќе го поткренам светот".Но.... треба да се сака и да се знае!!! И само по малку, ама навистина малку, да се има кривопаланечки инает и битолска тврдоглавост, на пример. 

Се што сторивте 30 години, ќе поправиме. 

Само Македонија е вечна! – напиша Стојановски на својот фб профил.


С.А.Н