Тамара не морала да се извини: Реакции по испеаната химна
„Тамара не морала да се извинува поради вчерашната грешка во пеењето на националната химна, на прославата по повод Денот на независноста на САД во Американската амбасада сношти“, коментираат на социјалните мрежи.
Пократката верзија која што Тамара ја испеа, без стиховите каде што се спомнуваат Гоце Делчев, Питу Гули, Даме Груев и Сандански ја има на „Википедија“. Според коментарите на „Твитер“ , истата верзија обично се пее на ваков тип на прослави и на спортски настани.
Трите верзии на химната со текстот кој што се менувал низ годините на „Википедија“
„ Автор на текстот е Владо Малески, а автор на музиката Тодор Скаловски. Напишана е во 1941 година. По завршувањето на Втората светска војна е усвоена како химна на СР Македонија во рамките на поранешна Југославија, а по осамостојувањето на Република Македонија, на 11 август 1992 година со закон е прогласена и за химна на независна Македонија. Со текот на времето текстот на химната претрпел разни промени, при што денес се познати три нејзини верзии — денешната верзија, првичната химна и првата официјална изведена химна која се разликува од првата во само еден ред. Во однос на првичниот текст од 1941 година се изоставени имињата на Никола Карев и Димитар Влахов, а е додадено името на Даме Груев“, пишува на Википедија.
Тамара и на Градскиот стадион во 2013 година, на фудбалскиот натпревар помеѓу Македонија и Белгија ја испеа истата верзија на химната. Пејачката тогаш изјави дека не го згрешила текстот, туку во интерес на времето ја испеала пократката верзија што ја нашла на „Википедија“.
Тамара сношти на приемот во Амбасадата на САД
Тамара утрово се извини поради пропустот во стиховите и рече оти се надева дека во срцата, луѓето ќе најдат простор да ѝ простат. Од нејзиниот тим дознаваме дека е многу погодена поради целата ситуација, во моментов е на одмор со семејството и нема да биде достапна за медиумите.
Од Американската амбасада исто така се извинија за пропустот, а извинување упати и премиерот Зоран Заев кој рече дека химната се пее секој ден и секаде, а тоа потврдува дека грешката е ненамерна.
М.Џ.