Тања Кармзова Костиглиола: Шаблони и кројки

Добивај вести на Viber

Сакаа да нè замолчат.

Да ни ги зашијат усните,

да ни ги закопчаат умовите,

крут патент да стават

на нашите дамнешни желби.

Да ни сторат резови

божем везови,

да ни ја спрострат на разбој

секоја мака за развој.

Сакаа да нè врзат во црни вреќи,

да ни го вшмукаат воздухот

за лесно да нè носат на плеќи,

веќе не знам ни каде, ни зошто.

Да ни одберат амбис

каде земјата уште ги имплементира

своите древни закони,

та да нè сотре, да нè голтне.

Сакаа да нè вденат

во уши што не се создадени за да слушаат,

туку да ни го запечатат постоењето

како фабричка грешка.

Но ние,

итри тумори на денешницата,

се протнавме во секој ваш лелеав фустан,

во секој ленен реверс,

во секој штеп на вашата постела.

Нè носите на грб.

Или на совест.