Тања Кармзова Костиглиола: Трн во надежта

Добивај вести на Viber

Ги разглобив сите

соништа.

 Ги растопив парчињата 

копнеж 

 и од нив сторив колевка. 

 Прикачив тркала од

 челични ставови,

 ги завив во туѓи стравови,

 им залемив пружини на мода и демоде

 и вметнав душеци од 

души потесни од мојата. 

Струкот го стегнав 

во корсет,

 за осите да се начичкаат

 на него 

и косите ги собрав во 

шапка 

да не плетат јажиња

 по мерка на туѓи вратови. 

Пуштете ме по вода, 

 нишајќи ме на четири 

страни, 

 туркајте ме во бездни,

 до неба без врв и дно -

 - од ѕвезди не ќе ви везам 

сказни, 

 туку ќе гледам едни очи 

 без чии погледи деновите

 ми се празни 

 и под петите ми недостига

 тло.


За Женски магазин, поетесата Тања Кармзова Костиглиола