Тоше Завков открива: Во компјутерот на Милан пронајдовме многу нови ора и песни, со назнака каде да се изведат

На годинешното издание на „Фолк –Фест Валандово“ кое ќе се одржи на 28 мај, во официјалната програма ќе бидат изведени две композиции на починатиот бард на македонската фолк музика Милан Завков – „ Дајте песна некоја“ и „Доста е веќе“ , во изведба на Душко Георгиевски, односно Емилија Иванова.

Неговиот брат Тоше Завков вели дека песните ги нашол во компјутерот на Милан, а биле назначени да се изведат токму на овој фестивал.


-И по три ипол месеци од заминувањето на Милан, сѐ уште чувствувам дека е тука до мене. Многупати навечер кога ќе ми заѕвони телефонот, помислувам дека е Милан, бидејќи имавме навика да се слушаме и да разговараме секоја вечер. Неодамна со Марта, неговата постара ќерка, го отвориме компјутерот на кој работел и видовме дека направил многу нови, досега необјавени ора, инструментална музика и песни. Две композиции од нив назначил да се изведат на „Фолк-Фест Валандово“, а една на битолската „Серенада“. Некои од неговите колеги хармоникаши ќе ги снимат неговите нови необјавени ора. Милан неуморно работел. Остави многу музички теми во фолдерот кој го нарекол „Извор на уметност“ – открива Тоше.

Во ревијалниот дел од натпреварувачката вечер на „Фолк-Фест Валандово 2023“ , додека се бројат гласовите од публиката и од жирито, во чест на Милан Завков неколку пејачи ќе ги отпеат неговите најголеми хитови кои оставија голема трага на македонската музичка фолк сцена.

С.А.Н