Три неверојатни приказни: Добитнички на подарок од Avon и Женски Магазин
Твојата животна нишка раскажува приказна ...уникатна и волшебна ... Токму каква што е приказната на секоја жена.
Ова се трите добитнички на подарок, на конкурсот организиран од Avon и Женски Магазин. Нивните неверојатни приказни ќе ве освојат од прва.
1. Приказната на Тина, 39 години
„Оваа мала приказна ја посветувам на мојата мајка, на нејзината безгрижна љубов, на нејзината храброст како жена, на нејзината сила како воин. Да, мојата мајка е неуморен војник, мајка која деноноќно се грижи за мојот сакан татко. Да, точно е, мојот татко покрај сите болести е среќен и насмеан поради нејзе. Мајко моја, само ти можеш да подариш толкава љубов и да продолжиш нечиј живот. Ти си мојата инспирација и мотивација. Денес сум многу среќна и горда мајка што те имам покрај себе.“
2. Приказна во фишек, Маја Крстевска Коларова
„Пред 25 години бев малечка. Веќе не сум. Но дур бев малечка имав еден црн тефтер со дебели корици во кои пишував. Во тоа време тефтерите обично беа од некоја фирма која се рекламираше на надворешноста на корицата, немаше убави и шарени тетратки ко денес. Затоа тефтерот ми беше толку скапоцен што сметав дека во него не треба да се пишуваат глупости како секојдневни нешта, туку нешто многу вредно и значајно. Пишував поезија. Во тоа време мојата поезија беше многу детска и наивна, искрена и шарена, весела... Тоа беше нормално имајќи ја предвид мојата возраст. Имав околу 9 години. Со секој мој стих се раѓаше желбата еден ден да имам своја книга со песни. Книга која ќе ја објавам, која ќе ја читаат многу луѓе и ќе се испирираат.
Кога станав петто одделение и ја запознав мојата наставничка по македонски јазик, бев тотално воодушевена и вљубена во неа. Секој час ми беше магија. Бев срамежлива и својот талент го оставав дома. Минуваа деновите, месеците и годините, а јас мечтаев да бидам како неа – мојата наставничка, мојот идол. Замислував како еден ден работам во истото училиште. Сакав да сум како неа. Всушност, сакав да сум таа.
По моето средно медицинско образование, талкав со мислите, не знаев кој пат да го одберам. Сите веќе знаеја што ќе студираат, а јас бев тотално збунета. Секакви мисли ми доаѓаа. Час бев доктор, час бев лаборант, час бев физиотерапевт... Времето минуваше, а јас го чувствував товарот на неодлучноста. Така збунета се повлеков во мојата соба и липајќи тивко го здогледав тефтерот на полицата со книги. Го зедов во рацете. Знаев што има во него. Почувствував топлина во душата, мојата хаотична мисла се смири. Го отворив и прочитав неколку песнички кои искрено ме насмеаја. За момент помислив какви глупости сум пишувала, но... решив дека ќе го студирам тоа што го сакам – книжевност.
Деновите на студии ми беа тешки. Бев далеку од домот за кој бев толку многу приврзана. Имав криза во трета година. Мислев дека никогаш нема да го завршам факултетот. Сакав да се откажам. Препреката што животот ни ја става за да види колку сме силни. Се сетив на сонот кој тлееше во мене. Решив да продолжам по секоја цена. По една година дипломирав на денот на мојот 23 роденден. Се вработив во училиште на село. Бев на замена. Но бев пресреќна затоа што работев тоа што го сакаше мојата душа. По неколку месеци ми се јавија од моето бившо основно училиште за да ме известат дека имаат потреба од наставник по македонски јазик. Мојата наставничка заминала во пензија. Срцето ми биеше со највесел ритам. Среќата црташе насмевки на мојот лик одново и одново. Станав нејзин наследник. Сонот стана реалност. Ден денес во училниците се навраќам на моето детство, на малите наивни стихови од тефтерот што ги напишав таму. Ми се полни душата со љубов.
Денес сѐ уште го живеам сонот. Напишав две книги. Ги објавив. Третата е на пат. Моите најголеми и најискрени желби се остварија. Чувството е бескрајно. Дишам со полн здив. Уживам во секој час и секој стиховен миг. Моите две животни приказни во една кои постојано им ги посочувам на учениците како пример – соништата се остваруваат во моментот кога ќе престанеш да сонуваш и мечтаеш. Животот постојано ќе нѐ препнува, но само храбрите победуваат. Вистинската љубов кон нештата и трудот кон нивно остварување е сонуваниот сон кој станал јаве.“
3. Го љубам животот, напишано од Трагачот по возбуди
„Опеан во илјадници песни, опишан во илјадници книги, доживеан на сечија кожа. Секоја животна приказна ја красат убави но и тажни настани.
Мојата животна приказна почнува да се пишува илјада деветстотини осумдесет и деветтата година. За добредојде на овој свет животот ми подари три дијагнози и краток вид. Антрофија на очниот нерв, Нустагнус и Страбизам. На ова ќе кажам- со здравје да си ги носам. За мене дијагнозите се само зборови кои опишуваат некаква состојба.
Ведрината на мислите ми го осветлува патот низ животот посилно од најскапото осветлување. И оваа светлина со која пишува срцето е доволна причина за понатамошна надеж и благодарност кон она што го имам и кон она што сум.
Напишаните збoови кои лекарите ги нарекуваат дијагнози не ме спречија да завршам основно, средно и високо образование. Така се договоривме јас и животот, тој лукаво да ми поставува предизвици а јас храбро да ги поминувам.
Мојата најголема самодоверба ја стекнав со започнувањето на високото образование. Секако, тука беше и големата поддршка на колегите кои ми посакаа добредојде подарувајќи ми потсмев и омаловажување. Провинцијалке, овде сум, ме гледаш?, ти не си нормална што читаш толку книги. Еве ти лист хартија и напиши песна па да ја прочитаме.
Со вакво убаво посакано добредојде човек едноставно не може а да не се засака. Од тој миг си се прегрнав себе си и сфатив дека јас не сум помалку вредна од нив.
Кога видоа дека провинцијалката ги чисти испитите побрзо од нив како абразивно сретство за отстранување дамки останаа со отворени усти. Можеби останаа со отворени усти да проветрат од непријатната миризба која доаѓаше од нивните души.
Беше факултет и помина. На ред дојдоа специјалистичките студии на кои бев примена меѓу првите од мојата класа.
Кога специјализирав сфатив дека каков и да е сепак го љубам животот. Јас и тој како стари пријатели чие пријатели чие пријателство и љубов се зацврстува со годините.
За да се сака животот прво човек треба да се сака себе си, но само со зборови. Почитувањето кон себе си и поставувањето граница за туѓото однесување.
Понекогаш мислам дека со моите најблиски сме си ги замениле улогите. Стравот од непознато, од нов предизвик и авантура во ноивните очи ги прави да се однесуваат беспомошно како лица со невидлива попреченост. Мојата желба за патување, истражување на непознатото и ментално надоградување ги буни и плаши најблиските. Нивните зборови ТИ ВЕЌЕ УСПЕА ми делуваат здодевно.
Кога почнав да го љубам животот му поставив ултиматум. Ако сакаш да те сакам носи ми нови предизвици, нови светови кои ќе го допрам и осознаам со моето искуство. Кога ја слушна мојата желба животот не рече ништо. Од својот голем куфер извади мала кутија со љубопитност завиткана со шарената панделка на вербата.
Некои ми пристапуваат нудејќи ми помош од сожалување, некои загрижено ми даваат совети за мое добро. Едните и другите ми се смешни со нивните стравови, грижи и мислења за мене. Но сфаќам. Тие се само луѓе кои животот ги научил дека лицата со видлив недостаток не се достојни да застанат врвот.
Многумина не можат да ја сфатат мојата желба истражување, љубопирноста која некогаш еволуира во авдреналин и желбата за натпревар со самата себе си а потоа и со животот.“