ТРИО ЗА КОЕ СЕ ЗБОРУВА: Приказната за скопскиот бенд „Кабадајас“
Се инспириравме од кабадајлукот како карактерна особина, убаво претставен во еден македонски документарец за битолските кабадаи. И така низ шега и смеа, додека го снимавме првиот албум остана и името, открива басистот Џоле Максимовски
„Од понеделник“ е насловен вториот авторски проект на скопскиот бенд „Кабадајас“ кој на 2 мај концертно ќе биде промовиран во ноќниот клуб „Станица 26“. Албумот е во издание на концертната агенција и продукција „3Гонга“ и е снимен во три различни студија, кај Мите Димовски во „Тра Ла Ла“, во „Алшар студио“ на Ивица Јанкуловски и во музичката работилница „Вода Медиа“ на Павле Васиљевиќ. Како специјални гости се потпишани вокалистките Марија Димитријевиќ и Светлана Јовановска Трајкоска и Павле Васиљевиќ (клавијатури и програмирање). Првиот тираж е 1.000 примероци, а албумот најверојатно ќе биде издаден и на винил.
За името се инспирирале од кабадајлукот како карактерна особина
„Кабадајас“ е впечатливо име на современата македонска сцена, а во составот се тројца реномирани музичари – Зоран Костадиновски (гитара), Џоле Максимовски (бас гитара) и Дино Милосављевиќ (тапани и перкусии). Сите партиципираат како композитори и аранжери во делата што ги создаваат.
- Звукот што го промовираме е модерно инструментално вокална музика, џези амбиент со скопски, а сепак светски шмек. На оваа објава композитори сме Зоран и јас, но и Дино кој ритмички ги оплеменува нумерите. За аранжманите сме задолжени сите. На албумов има две вокални песни. Едната од нив е со текст, композицијата „Летаме“ која јас ја напишав. Земајќи в предвид дека рефрените веќе ги имавме како теми и идеи, ни требаше кратко време да направиме аранжман за истите. Идејата беше да ги отсвириме во живо, од прва. Така и снимивме 6 песни. Останатите две каде има вокали, ги работевме поинаку, студиски, со програмирање, синтови и наснимување – објаснува Максимовски.
Џоле Максимовски, басистот на групата
Бендот е формиран пред седум години. Првиот албум IV е издаден во 2012 година од „Баги Комуникации“. Во тој период дел од приказната е и Горан Бојчевски (кларинет и саксофон). Интересна е приказната за името.
- Се инспириравме од кабадајлукот како карактерна особина, убаво претставен во еден македонски документарец за битолските кабадаи. И така низ шега и смеа, додека го снимавме првиот албум, немајќи име за групата, остана и името–открива Џоле.
Тој и Дино заедно свират од 1995 година. Во „Сет“, „Мозаик“, „Беневентан Трио“, „Алшар“.
- Со Влатко Стефановски Трио веќе 18 години патуваме по светот и снимаме албуми. Имаме настапувано со имиња како Стефан Миленковиќ, Теодосиј Спасов и Јан Акерман. Дино свиреше со „Анастасија“, Кирил Џајковски и со многу други поп и рок артисти. Јас долго време свирев со „Архангел“, „Гаро и Парамециум“ и со „Мугер Фугер“. Моментално сум дел од бендот „Темпера“ како басист и композитор. Зоран Костадиновски е професор на Музичка академија и активно работи на сите проекти на оркестарот на Здружението на Џез Музичари. Го знаеме како гитарист на нашата поп-дива Каролина Гочева – информира Максимовски.
Веќе се во преговори за интернационален пробив
Освен вокалистките Марија и Светлана на концертот во „Станица 26“ на сцената ќе им се придружат и нашиот виртуоз на перкусии Ратко Даутовски и Трајко Велков кој важи за еден од најдобрите трубачи на Балканот.
- Едвај чекаме да свириме концерт, како промо за нашето второ издание. Очекуваме убава атмосфера, добар звук, фино расположение - вели Максимовски.
Веќе следниот ден „Кабадајас“ имаат закажано концерт во Охрид. Ќе се претстават и во Куманово, а следуваат и патувања надвор од државата. Имаат и нова музика и во преговори се со еден странски продуцент за нивен интернационален пробив.
Ѓорге Стојанов