Украдено и пронајдено срцето на една од најбогатите жени во Европа

Добивај вести на Viber

Француската полиција пронајде ковчеже во кое било срцето на една од најпознатите француски хероини, кралицата Ана од Бретања, кое минатата недела беше украдено од музејот во Нант.

Полицијата го пронашла срцето, реликвија од 16 век, во западниот град Сен Назар, објави Би-би-си.

Ковчежето е најдено заедно со други украдени предмети, за кои се веруваше дека ќе бидат стопени поради вредноста на златото.

Полицијата уапси двајца мажи што во саботата ги одвеле до пленот, закопан во близина на Сен Назар.

Ана од Бретања е единствената жена што двапати била крунисана како сопруга на крал на Франција. Се верувало дека е една од најбогатите жени во Европа.

Таа прво била свршена со младиот принц Едвард од Англија, но принцот исчезнал во раните тинејџерски години, заедно со неговиот брат Ричард - за што масовно бил обвинуван нивниот чичко кралот Ричард Трети.

Ана првпат се омажила за Шарл VIII во 1491 година, а потоа и за неговиот братучед Луј XII во 1498 година.

Златната реликвија е кутија во облик на срце тешка 500 грама, со натпис на стар француски јазик.

Властите во Бретања апелираа да се врати бесценетиот артефакт, затоа што веруваа дека крадците можеби не ја сфатиле историската вредност на срцето, кое по Француската револуција од 1789 година е спасено да не биде стопено.