Уметничкиот свет на филмот и визуелните анимации во Милано се отвора за матурантката Ена Пешева
Кога една уметничка душа ќе добие можност да учи и живее во европскиот центар на уметноста и дизајнот, Милано, радоста и среќата не можат да се опишат. Токму вака се чувствува матурантката Ена Пешева која по завршувањето на образованието во Меѓународното училиште НОВА, наесен ќе биде дел од академската заедница на престижниот универзитет за дизајн и уметност НАБА во Милано.
Како матурантка, процесот за аплицирање на универзитети во странство го почнала уште во ноември, со идеја да се пријави на осум факултети во Европа кои во тој момент ѝ се чинеле интересни. Дел од нив ги контактирала онлајн, а тие што географски биле во близина на Македонија ги посетила за да оствари личен контакт. Иако била во неколку различни универзитети, посетата на кампусот на НАБА ја воодушевила, така што немала дилема дека тоа ќе биде нејзиниот избор за рана апликација (Early Application). Во моментот кога добила одговор дека нејзиното портфолио и академските резултати ги исполнуваат критериумите на универзитетот и ѝ понудиле место, Ена одлучила да не продолжува со другите апликации.
- Некако имав среќа од прва да си кликнеме заемно. Пресуден аспект во мојот избор беше програмата, предметите кои беа понудени, но и опциите за усовршување, учење, па и пракса. НАБА се наоѓа во Милано, а Милано е центарот на уметноста, дизајнот, убавината, развојот на новите технологии, место кое јас го доживувам како можност за тргнување на границите и инвестирање во новите технологии, во создавањето на една нова уметнички дизајнирана иднина. Во Милано се наоѓаат сериозни европски студија и се надевам дека паралелно со моето студирање ќе имам среќа дел од праксата да ја работам кај нив. Тоа е непроценливо искуство за секој млад човек на почетокот на својот професионален пат. Дополнително, уживам во италијанскиот менталитет, а и можноста за брзо доаѓање дома, за почести средби со семејството, ми беа исто така важни фактори кои ги имав предвид – раскажува Ена.
Таа добила делумна стипендија за програмата за филм и визуелни анимации на која ќе ги проучува сите делови од процесот на изработка на анимирани и играни филмови, но и сегменти за креирање видео игри, сценарија, монтажа, режија. Во моментов нејзина пасија се анимираните филмови, особено аниме и ја фасцинира процесот на цртаните филмови во сите негови сегменти, од идејата, синопсисот, развојот и цртањето на карактерите, сѐ до моментот за кој вели дека уметниците мислат дека создаваат за деца и млада публика, а всушност пренесуваат порака на сите генерации.
- Ми се допаѓа тоа што секогаш има простор за хумор, дека создаваме производ кој остава позитивни чувства кај гледачите. Последниве години се менуваа интересот, огромен број луѓе буквално се преселија онлајн, а тоа сигурно во иднина ќе го менува пазарот и за овој тип на филмови и производи. Затоа со нетрпение чекам да видам каде ќе нѐ води иднината и што сѐ ќе можеме да создадеме – вели Ена.
Создавањето филмови не била нејзина желба од раното детство, но вели дека отсекогаш била уметничка душа која пораснала со уметност и уметници, најмногу поради работата на нејзините родители и семејната компанија низ која поминале генерации талентирани дизајнери, цртачи и аниматори. Љубовта кон филмот и анимацијата ја добила во прва година од средното училиште благодарение на нејзиниот професор по мултимедијален дизајн, Игор Ристовски, кој ја инспирирал да размислува за уметноста на поинаков и креативен начин во кој се пронаоѓа и кој може да биде нејзина идна кариера. Запознавањето со мултимедијалниот дизајн ја натерало повеќе да се заинтересира за дигиталната уметност, по што ѝ станало јасно дека сака тоа да биде нејзината идна професија.
Процесот на аплицирање на странски универзитет за Ена бил возбудлив бидејќи содржел потрага по универзитети, програми, па дури на крај формалната апликација. Дополнителен предизвик во целиот процес било тоа што за нејзините програми на НАБА не е доволен само академскиот успех, туку се оценува портфолио со посебни критериуми. Вели дека за среќа, ја имала поддршката од НОВА.
- Како ученик во НОВА од прво одделение, ова училиште секогаш имало голем удел во мојот развој, напредок и усовршување како ученик, но и лично созревање како човек. Пристапот е индивидуален, во зависност од коа што точно ти треба како насока, кога и каде е потребна насока од менторите. Со оглед дека мојата програма беше многу специфична и подготовката на документите ми беше поразлична, морав да се потпирам на индивидуалниот талент и да работам посамостојно во подготвувањето на документите. Но, знам мои соученици и колеги кои цел процес го поминаа со поддршката на академските советници од училиштето – вели Ена.
Таа особено ја истакнува поддршката од нејзината координаторка за посебни активности Зорица Стаменковска, која била исклучително трпелива и ѝ помогнала со апликацијата, притоа константно смирувајќи ја во најстресните моменти од целиот процес.
Како и секој иден студент, така и Ена смета дека фокусирањето на нови предмети кои досега не ги изучувала формално е голем предизвик, но нетрпеливо очекува да влезе во кругот на новата академска заедница, во нова околина и да се дружи со луѓе со кои дели исти интереси и страст.
Ена се надева дека следен чекор во нејзината академска кариера ќе бидат и последипломски студии од истата или сродна област, но вели дека ќе биде воодушевена ако добие можност за пракса во некое анимациско студио во Милано.
- Без дилема се гледам себеси како дел од креативниот процес на изработка на големи комерцијални и уметнички филмови, да продолжам да творам, да цртам, да создавам забавни содржини, да уживам во процесот, постојано да учам нешто ново, да се надградувам, да бидам дел од новиот технолошко – уметнички процес на иднината. Можеби во некоја фаза да се пробам и во режисерската сфера. Времињата се сменети, исто и технологијата, особено оваа во мојата нова професија која овозможува човек да биде каде било и да работи за која било точка во светот – истакнува Ена.
Таа сака нејзините проекти да допрат до што е можно повеќе луѓе и се надева дека избраната професија секогаш ќе ѝ остане љубов и задоволство, а не обврска.