УСПЕШНО ОПЕРИРАНО НОВОРОДЕНЧЕ СО РЕТКА АНОМАЛИЈА НА ХРАНОПРОВОДОТ
Само два дена по раѓањето, среќните родителски мигови од доаѓањето на свет на нивното дете ги заменила агонијата дека новороденчето мора да помине низ сериозен хируршки зафат. На дете родено во Клиничката болница „Аџибадем Систина“, 48 часа по раѓањето му е откриен редок тип аномалија на хранопроводот. Тоа што во светот го има едно на 3.000 деца, било детектирано токму кај ова новороденче. Станува збор за отсуство на континуитетот на хранопроводот, ургентна состојба што морало брзо хируршки да се реши оти била и животно-загрозувачка. Докторите забележале дека кај бебето плунката практично се слева надвор затоа што, како што увиделе, горниот дел на хранопроводот завршува слепо, а долниот дел комуницира со трахеата. Во нормални случаи, хранопроводот продолжува во желудникот. Овој наш херој е опериран, со добра општа здравствена состојба и веќе се наоѓа во својот дом.
Педијатарот Д-р Станка Танчева-Крстевска емотивно раскажува за случајот. Среќна е што веднаш по интервенцијата малиот почнал да се храни преку уста.
„Детето се роди во 35-тата гестациска недела, со тежина од 2.180 грама. Брзо по раѓањето кај него е забележана вродена аномалија, еден вид атрезија која не може да се дијагностицира за време на бременоста. Понекогаш тешко се дијагностицира и по раѓањето, бидејќи бебињата во првите неколку денови од животот не внесуваат голема количина храна. Ние ја забележавме аномалијата многу рано и веднаш направивме езофагограм. На снимката детектиравме прекин во хранопроводот. Состојбата беше ургентна и мораше веднаш да се реши за да не дојде до поголеми компликации. Се изведе посериозна интервенција од областа на неонаталната хирургија. Интервенцијата заврши добро, а тој сега е под надзор и неопходно е постоперативно следење во Одделот на неонатална интензивна нега. Среќни сме што по интервенцијата детето почна да се храни преку уста“, вели Д-р Танчева-Крстевска
Д-р Станка Танчева-КрстевскаОваа сложена интервенција за првпат во „Аџибадем Систина“ ја изведе детскиот хирург Д-р Ристо Симеонов. Тој вели дека операцијата траела неколку часа.
„Овој тип аномалии се дијагностицираат по раѓањето, кога кај детето се јавува неможност за сливање на плунката надолу и таа излегува преку устата. Втор карактеристичен знак што сигнализира на проблем е неможноста да се стави назогастрична сонда во желудник, бидејќи прекинот во хранопроводот прави отпор. Професор Д-р Зоран Трајковски направи езофагорам со контраст преку уста, на кој се гледа дека горниот дел завршува слепо, односно контрастот не оди надолу. По добиените резултати, испланиравме операција, која се изведе вториот ден од раѓањето на детето. Колку побрзо се направи хируршката интервенција, шансата за понатамошен успех е поголема. Постои опасност ако не се направи интервенцијата, детето да ја проголта плунката и таа да отиде до трахеата и да доведе до нефункционалност во белите дробови поради исполнување со течност. Потоа работите се комплицираат, па покрај постоечкиот проблем со хранопроводот, доаѓа до дополнителни компликации, кои кај недоносено бебе со два килограма може да завршат и фатално.“, вели Д-р Симеонов.
Д-р Ристо СимеоновПо успешно изведената интервенција, бебето е сместено на Одделот за неонатална интензивна нега и по неколку дена е пуштено да си оди дома. Докторите очекуваат да има нормален раст и развој, без проблеми. Како и секое друго новороденче, така и ова бебе ќе се стави на вообичаен режим на исхрана и нормално ќе функционира.