Утринско кафе со Александра Шијакоска: Не читам книги и многу жалам за тоа

Моментално една од моите цели е да се навикнам да станувам порано. Воопшто не сум утринска личност, повеќе сакам добро да си се наспијам, па да сум расположена цел ден, а има толку многу работи кои можат да се прават наутро ( како вежбање, подготвување здрав оброк итн. ). Многу често денот ми почнува со станување подоцна од планираното така што првото кафе го пијам со брзање дури се подготвувам и шминкам.

Што ме мотивира... Најчесто самата јас и ветувањата кои си ги имам дадено на себе дека јас МОЖАМ. Исто ме мотивираат луѓе кои секојдневно се борат со животот и не се откажуваат иако ги немаат истите шанси како останатите.

Сакам да сум организирана во однос на плановите и обврските. Имам фотосесии скоро секој ден. Некогаш и повеќе од една. Во меѓувреме работам и две други работи, но се снаоѓам со време. Успевам да се организирам и се да завршам на време и да имам време за пријателите и за семејството.

Излезена сум цел ден така што излегувањето навечер ми е многу тешко и напорно. Кога ќе си дојдам дома сакам само да одмарам и да гледам некоја крими серија или пак да правам комбинации за наредната недела и тоа да го снимам за Инстаграм. Често имам и работа на компјутер така што тоа го оставам за навечер.

Не сум воопшто тип што чита книги, и не знаете колку ми е жал за тоа, но кога ја немаш навиката во себе или тоа уметничкото ништо не може со сила. Сум пробала да читам книги, но секогаш поинтересно ми било да гледам серија.

(Александра Шијакоска- модна блогерка)