Утринско кафе со Ана Голеjшка Џикова: Се тегнам како мачка и си велам- денес ќе биде убав ден!

Будење во секој нов ден за мене е радост,  можност да отворам очи ширум, да погледнам низ прозорецот, да се истегнам како мачка и да си кажам – и денес ќе е добар и убав ден!

Најважен ритуал наутро, бездруго е да ја гушнам ќерка ми со насмевка, додека таа уште нерасонета си прета во креветчето. Маж ми е тој што станува прв, вари кафе, неа и` подготвува појадок и потоа куќата се разџагорува. Мијам лице со студена вода, нанесувам дневен крем и потоа правец кон – кујната.


Проверувам што вкусно да смислам за појадок за неа денес, а за нас, овошје или измислен сендвич за на работа. Потоа ранецот на грб и излегувам од дома. Често знам да фотографирам нешто што ќе ми фати око додека одам на работа.Oбично тоа се глетки што ме фасцинираат, а се секојдневни, а сепак неповторливи. Бидејќи работам со скратено работно време на проект за бездомници, максимално се трудам да ги завршам работните задачи во тој период и да си пуштам убава музика додека пишувам.


Пишувањето е неизоставен дел од секојдневјето што го живеам. Дали е тоа административна работа, креиран проект, споделена песна поезија на фејсбук или коментар, тоа е ритуал што ме држи будна во морето информации. Она што ми е ритуал додека работам е – топло кафе, малку музика и во меѓувреме разговори со моите најблиски. Откако ќе завршам со работа, купувам француско лепче за со ручек, тргнувам кон дома и едвај чекам да ја гушнам ќерка ми.


Денот е полн со неа. Со музика, со сите бои за Наџуџу, сликовници, јадење креони и ситни плачки затоа што Снешкото што се нишка, веќе нема нос, оти Надја му го гризнала...сепак е во облик на морковче, нели? Игри со коцки, редење сложувалки...и веќе доаѓа време за да се врати сопругот од работа. Се вари чај, крчка супа или се грее ручекот. Во меѓувреме, читам списанија, собирам играчки, собирам суви алишта и дишам, гледам да не заборавам да дишам.  Најважниот ритуал – си кажувам сама на себеси „Браво Ана!“. Секој ден е ново доживување. А пред спиење – книга, серија, се’ стивнува, и време е за нови соништа.

Ана Голејшка Џиковa: жена од градот Скопје, поетеса и активист