Утринско кафе со Анастасија Чефиова: Вложувам сѐ за секој мој ученик да постигне најдобри резултати

Денот го започнувам со утринска медитација, јога за истегнување и задолжително позитивна мисла за успешен и исполнет ден. Моето прво утринско кафе го пијам најчесто во работните денови сама и на тој начин остварувам најнапред контакт со самата себе,а потоа продолжувам да ги планирам обврските кои треба да ги завршам во текот на денот. За време на викендот моето прво кафе го пијам во кругот на моето семејство, мојот сопруг и моите синови.

Ме мотивираат многу нешта, природата, моето семејство, позитивната детска енергија,  искачувањето на планински врвови - моето хоби од кое ја црпам потребната енергија за тековната работна недела.

Дневните планови и обврски како вработена жена, сопруга и мајка се поделени во текот на денот во два дела - првиот дел од денот ми е посветен на мојата професија, одделенски наставник и вложувам сѐ од себе секој мој ученик да ги постигне најдобрите резултати. Во вториот дел од денот сум посветена на моето семејство, моите родители и обврските во домот. Морам да нагласам дека и професионалните и приватните обврски во мојот живот се во целосна хармонија, најверојатно поради чувството на љубов со кои ги прифаќам секојдневните обврски.

Денот ми завршува најчесто во кругот на моето семејство во пријатна семејна атмосфера, најчесто во релаксиран и опуштен разговор кој како го поминал денот.

Голем љубител сум на пишаниот збор, обожувам да читам книги најчесто со теми од животна филозофија на човекот. За мене важи правилото - книгата е најголемото богатство! Што се однесува до гледање на филмови - тоа ретко практикувам.


(Анастасија Чефиова - одделенски наставник во ООУ„Владо Тасевски“)