Утринско кафе со Ангела Ѓоргиева: Секојдневно се релаксирам со серии

Денот ми почнува со обврските со кучето, мала прошетка која ме раздвижува и ми помага да го започнам денот. Следува кафе, кое најчесто го пијам сама и тоа е периодот во кој проверувам Инстаграм и ги планирам обврските кои ги имам за тој ден.

Личниот успех и секоја успешна соработка се мотивација за наредната. Ме мотивираат и успешни луѓе што ги следат своите соништа. Се инспирирам од нивната приказна, а добрите книги секогаш ми даваат дополнителна мотивација за реализација на моите.

Најчесто моите обврски се планирање нови содржини, снимање и едитирање нови видеа, состаноци и многу сликање. Речиси ни еден ден не ми е сличен на претходниот и тоа е нешто што многу ме исполнува во тоа што го работам.

Најчесто денот ми завршува со вечера во домашна атмосфера заедно со вереникот и споделување на нашите дневни случувања. Тоа е дел од денот кој е само за нас. 

Тоа што ме релаксира и одмара секојдневно се сериите, а книги најчесто читам од психолошки карактер и целиот фокус ми е на нивната содржина, така што секоја има своја убавина и уживам во двете.

(Ангела Ѓоргиева- модна блогерка)