Утринско кафе со Бисерка Реџиќ Мухиќ: Дали луѓето го гледаат она што може да се види?
Во мугрите, во времето кога денот започнува да белее, со јога вежбите го „поздравувам“ сонцето. И покрај сета слобода која ја има во просторот и времето, сепак, секое утро, трпеливо во дворот ме чека за утринска прошетка сибирскиот волк Вучко, со неговите топли очи и доследноста на безусловна љубов.
Утрата покрај реката Треска во прекрасниот Кањон Матка, е време кога можам да се видам со себе... Да го слушнам жуборот, да го почувствувам сонцето и дождот и тоа додека „розата на ветерот“ (феномен кој го кити Кањонот) ме прима во вртлогот на својот танц.
Наместо кафе, подготвувам чај, со мед и неколку капки лимон и тоа од растенијата набрани токму кај изворот во Кањонот, за кој легендата вели дека водата од изворот лечи и „слепост“ и „глувост“... Па се прашувам, дали луѓето го гледаат она што може да се види?
Музиката и мирисот на чајот ги буди домашните и започнува подготовката за училиште, работа...
И така накитена со „мирот“ од Кањонот Матка, се упатувам кон работното место со кое сум почестена да во овој живот и ова време учам и создавам благодарение на мали, а моите „големи“ учители децата.
Приквечер се враќаме во Кањонот каде мирисот на природата инспирира да се чита, слуша музика или погледне некој добар филм..
* Проф. Бисерка Реџиќ Мухиќ, директор и ко-сопственик на интернационалната градинка „Пиколини“