Утринско кафе со Благородна Ќосева: Се радувам на ситници, мотивација барам во се што ме опкружува

Мојата утринска рутина е многу едноставна. Уживам во тишината на утрото, а кога сакам да ја нарушам, пуштам музика, најчесто класична. Во текот на работната недела секое утро ми започнува со будење со мојот мачор и спремање за работниот дел од денот. Искрено, сум една од ретките што не го сака мирисот и вкусот на кафе и ретко го конзумирам, но уживам во добро подготвен црн чај, кој најчесто во утринските часови го пијам во друштво на моите колеги. Доколку се работи за викенд, сакам да спијам до покасно и го прескокнувам утрото.

Јас сум човек што се радува на ситници и мали нешта, па така мотивација барам и наоѓам во се што ме опкружува. Но пред се, најголемата поддршка и мотивација ја имам од луѓето што ги сакам, моето семејство и моите најблиски.

Како личност сум организирана и принципиелна и сакам и уживам во добра организација. Нешто што најмногу го мразам е доцнењето, па така секогаш гледам обврските да ги завршам на време и секој ден го планирам од претходната вечер.

Вечерите сакам да ги поминувам во домашна атмосфера со најблиските, гастрономски вечери со пријатели, филмски маратони со мојот сакан или едноставно сама да се релаксирам готвејќи. Кога сакам вечерите да ги поминам надвор, одам во музеј и уживам во добра изложба или се препуштам на визуелните, емотивни и динамични звуци на балетот/операта.

Порасната сум во средина која ужива во пишаниот збор и уметноста, па уште од мала сум опкружена со книги, што придонесе да добијам и награда за најдобар читател во библиотеката во Струмица со најмногу прочитани книги на годишно ниво. Поради мојата професија како лекар, белетристиката ја заменив со стручна литература, но секогаш наоѓам време и за добра книга. Кога не се дружам со книгите, сакам да гледам филмови и серии. За оние кои сакаат добра серија – ги препорачувам “Broadchurch” и добропознатата “The crown”.


(Благородна Ќосева - лекар и блогер)