Утринско кафе со Бојана Бејатовиќ: Отсекогаш ме мотивирала желбата за знаење

Утрата ми се различни, некогаш сум на турнир, некогаш на припреми или сум дома. На турнир временската рамка ми е позбиена, опкружена сум со луѓе, кадешто веднаш по доручекот имаме подготовки за конкретна партијa. Во период на припреми правам секогаш агенда за денот, станувам во 05:00 - 05:30, медитирам , трчам и потоа почнувам со тренинзи. Кога сум дома си дозволувам малку поголема слобода, доручекот (неретко и бранч) , ми е „зен“, време за себе.

Кафето не го пијам преку ден, туку навечер , иако знам дека од здравствени причини не е препорачливо (но веќе ништо не е, па и воздух во тегли ќе треба да си купуваме, така да, сеедно) но имам малку чуден механизам на функционирање. Јасно ми е дека тоа се шокови за организмот, но „workaholic“ сум. Имајќи во предвид дека шахот е индивидуален спорт со самостојна работа, како и подготовките на мотивациските настани, проследени со многу читање и истражувања за начинот на функционирање на мозокот,  често знам да заглавам со тренинзи/работа до сабајле.


Често ме прашуваат како функционирам на тој начин. Но реално сѐ е навика, а и одлука, па кога можеле Тесла и Да Винчи, зошто не би можеле и ние? Не верувам во оние догматски правила од неопходни 8 часа сон и слични наметнати правила.

Треба да си го следиме организмот и неговите барања и потреби. Спиењето го гледам како губење на време, но знам да дремнам во текот на денот, неретко проследени со медитативни елементи.

Отсекогаш ме мотивирала желбата за знаење. Sapere aude! Или во подолга верзија - “Dimidium facti qui coepit habet: sapere aude, incipe" (Оној што започнал половина завршил: Започни од сега, осмели се). Сакам да се самоусовршувам на секое поле, во широк дијапазон на области.

Мотото отсекогаш ми било - не стреми се кон успех туку кон вредност. Успехот е краткотраен, а краткотрајниот успех го билда егото, додека пак вредноста сама по себе го повлекува успехот на долгорочен план, умешно.




Секогаш си поставувам повеќе обврски отколку што можам да постигнам, но некако тоа ме исполнува. Дури и во случај кога немам некоја конкретна обврска, си наоѓам нешто на што треба да работам за усовршување.

Денот најчесто ми се состои од читање, тренинзи, медитации, некои работни обврски кои одвреме-навреме се појавуваат за одредени комисии и секако, готвење. Уживам во домашно зготвена храна и неретко експериментирам со вкусови.

Често патувам, скоро се прибрав од неколкумесечни патувања, а притоа откажав 2 планирани до крајот на годинава. Амбиверт сум, ми треба време за да си ја вратам (надополнам) енергијата.

Сега, покрај тренинзи (кои варираат од 2-12 часа) го подготвувам следниот мотивациски настан (кој првобитно беше закажан за септември, но поради патувања го откажав) и исто така се подготвувам да навлезам во организаторските структури за шаховски настани.


Денот најчесто го завршувам работно, со книги, компјутер и мојата лојална придружба - мојот мачор Бошко.

Преферирам книги и брзо читам, a сакам мистерии, заговори, езотерија. Ден Браун ми е меѓу омилените од тој жанр (иако секоја негова книга ја завршував во рок од 15-20 часа).

Сметам дека се битни оние книги кои го подигнуваат духот и кои го поттикнуваат размислувањето. Екарт Тол е нешто што дефинитивно го препорачувам, некои негови книги се постојано со мене, потоа Свами Шивананда, Свами Кријананда, Џејмс Редфилд, Антони де Мело, Ошо, Џозеф Марфи, Карл Јунг, ...

Во последно време сум окупирана со невронаука и психологија, па во глобала тоа читам, покрај шаховската литература.

Од филмови, преферирам научна фантастика, a LOTR и HP ми се омилени.


(Бојана Бејатовиќ - шахистка)