Утринско кафе со Бојана Стојменовиќ: Патот е тежок, промените не се случуваат преку ноќ
Утрата секогаш си ги посветувам на себе
и некако себично си ги чувам и негувам утринските ритуали. Денот ми почнува со
тренинг на кикбокс, прошетка и планирање на денот кој претстои додека пијам
горко кафе или пак чај. Често се случува и да ја прескокнам рутината и првото
кафе да го испијам со патнерот или пак некој пријател кој е ранобудник. За
мене, утрата ми се магични, а за дел од таа магија е одговорен кофеинот.
Ме мотивираат многу работи, кога ќе го погледнам мојот
живот и на предизвиците кои што ме чекаат ме движи мотивацијата да растам и да
бидам подобра верзија за себе и за другите околу мене, да љубам, да создавам и
творам, да бидам во потрага по мојата следна инспирација, да им помагам на
љуѓето и да ја креирам сопствената среќа. Кога зборувам за овие работи кои ме
мотивираат низ животот, мислам дека сето ова ќе има смисла еден ден, кога ќе
погледам наназад и ќе имам задоволна насмевка на лицето бидејќи- живеев. Во
однос на работата, ме мотивира една голема енергија, сила и визија, за некого
дури и многу розева и утописка, а тоа е да направам промена во секојдневието на
луѓето- со цел да бидат поздрави, посреќни и посвесни за сопственото ментално
здравје. Сите работилници, отворени предавања и настани кои ги организирав
изминатите години беа водени од истата мотивациска сила. Патот е тежок и знам,
дека промените не се случуваат преку ноќ, но верувам дека го правам вистинското.
Убавината
на мојата работа е што секој ден ми е различен и со различна динамика. Откако
утринските ритуали ќе завршат тогаш започнувам со секојдневните работни задачи
на Мој психолог, средби со клиенти, состаноци, одржување на Фејсбук страната и
Инстаграм профилот, организирање на настани и обуки и планирање на наредните
чекори. Во деновите кога работните задачи ми дозволуваат, секогаш времето го
посветувам на додедукација и читање на новите трендови и истражувања во областа
на психологијата.
Вечерта
секогаш ми е резервирана за партнерот, семејството или пријателите. Последнава
година успеав да се организирам и избалансирам, па работата внимавам да не ја
носам дома. Времето поминато со партнерот ми е драгоцено, особено дека тој ми е
пред се најголема подршка за се што правам, другар, ментор, критичар. За мене
вечерта е период од денот во кој го барам мирот.
Подеднакво ги сакам и книгите и филмот. Не можам да се одлучам. Читам многу,
секогаш со мене во ташната носам некоја книга, па кога патувам или пак чекам
ред некаде, ја вадам и читам. Ги засакав книгите уште кога бев дете, некако
успевав да креирам различни светови со секоја книга која ја читам. Од друга
страна, филмот за мене е едно поинакво доживување, стимул на повеќе сетила.
Сега имам една непријатна но смешна ситуација- сите книги кои ги поседувам дома
ми се практично прочитани и препрочитани, па се обидувам да се навикнам на
електронските книги. Искрено од тој аспект сум старомодна и тешко ми оди,
преферирам хартија и печатени книги, некако така ми имаат душа.