Утринско кафе со Даниела Ѓуровска: Ме мотивираат вредни и истрајни луѓе

Денот по утрото се познава, а ако ми започне без кафе што ретко се случува, веројатно тоа ќе биде еден напорен долг ден. Сакам да го испијам своето утринско кафе во мир, најчесто сама каде во тој половина час си ги средувам мислите пред да се впуштам во хаосот кој ме чека. А кога сум приморана да излезам порано или пак доцнам, и во тој случај барем една голтка кафе ми е „must have“ пред се’ друго.

Секогаш се трудам да знам како ќе ми се одвива денот, сакам и спонтани настани и средби, меѓутоа кога имам распоред полесно функционирам. Ретко се случува да неделата ми е еднолична, дури не сум ни сигурна дали тоа се случило во скоро време. Динамиката во денешно време не ни дозволува да биде монотоно.

Ме мотивираат пред се’ најблиските, ме мотивираат и луѓе кои се вредни и истрајни. Оние кои не се откажуваат при првата сопка. Знае да ме мотивира и кога не ми се сите „коцки на свое место“. Кога сум излезена од колосек тоа многу често го преточувам во нешто креативно.

Вечерта најчесто ја поминувам со пријателите, со прошетка или добра журка. Вечерите кога сум сама се многу ретки, сакам да сум меѓу луѓе, но секогаш со оние кои ми одговараат и уживаат во моето присуство.

Книгата ми е омилен „реквизит“, особено на плажа. Тогаш се впушташ во друга димензија и приказната која ја читам допира поинаку до мене. А филмови искрено многу ретко гледам во последно време. Фактот дека на Netflix изгледав половина филм за цел месец кажува многу. Секогаш одбирам да поминам време со блиските пред гледањето филм, а времето сама со себе го поминувам на еден покреативен и за мене поубав начин.

* Даниела Ѓуровска, моден дизајнер и блогерка