Утринско кафе со Даниела Мирческа: Ме мотивираат тврдоглави луѓе

Кај нас дома, сите се будат отприлика во исто време наутро и тоа знае да биде прилично забавно. Дете што само „се спрема“ за на училиште, две кучиња што се прескокнуваат меѓу себе додека да ги нахраниме и пуштиме во двор да се протегнат.. Првото кафе го пијам со партнерот, второто сама и тогаш почнувам со работа.

Со второто кафе веќе читам и праќам пошта, го организирам работниот ден и ги планирам состаноците. Имам флексибилно работно време и долг работен ден. Попладне ја земам ќерка ми од училиште, на сличен начин на кој се разидуваме наутро - се враќаме сите дома. Додека готвам ги завршувам работните обврски и тоа го сметам за привилегија (се смее), потоа ги шетаме кучињата, се гледаме со пријатели.. Чуваме две аргентински доги, а тоа бара и време и посветеност.

Ме мотивираат силни и тврдоглави луѓе, такви што не се откажуваат по никоја цена. За среќа имам доволно такви во животов, да ми се здрави и живи!

Денот ми завршува откако ќе провериме домашни задачи и ќе решиме кој документарец ќе го гледаме. Не гледаме телевизија дома, но често гледаме документарци за  вселената, супер-вулканите, живиот свет итн, па тука ја преземам улогата на симултан преводувач и толкувач, затоа што речиси сите се на англиски јазик.

Порано читав многу, сега многу ретко и стихијно. Пред една година ми се случи „Господинов“ и седнав и прочитав се’ што можев да најдам од него. Претходно, в раце ми паднаа Керуак и Буковски во издание на Black sparrow. Понекогаш читам по препорака од пријатели, но се поретко имам време за читање, за жал..

За филмови некако почесто се наоѓа време, полесно е два часа да одвоиш. Има филмови кои ги гледам одново по неколку пати. Modigliani обично го гледам ова време од годината, без никаква посебна причина. Мрзеливата атмосфера за време на празниците ќе бара и некој филм од Jarmusch, Guillermo del Toro, Кустурица.. Нормално, празниците не би биле празници без контрасти и недоумици, па така филмската програма ќе биде надополнета со Toy story, Frozen, Tinker bell - оној каде што е зима (се смее), Open season и други класици од Disney и Pixar. 

* Даниела Мирческа - активист*