Утринско кафе со Ѓорѓе Камов: Сакам да слушам лекции од луѓе кои еднаш ја направиле грешката

Здраво ,, Женски магазин". Морам да признам дека се израдував што некој по простор време пауза пак ме интервјуира, но овој пат за убави теми, а не за теми коишто ги работев како новинар. За оние што ги интересира што правам во моментов, ќе кажам само дека почнав да се градам себе си во личност која што има намера за неколку години дојде до сопствен излог на кој ќе истакнува квалитетни дела... малку повеќе метафорично... но, цел е да не откривам повеќе детали. Денот ми почнува сам. Настојувам да ми почне сам за да можам барем половина час да разговарам со самиот себеси кога јас и мојата личност ќе направиме еден пресек и донесеме заклучок за тоа до каде сме на патот. Кога денот ми започнува сам исто така имам и повеќе сила да ги нанижам дијалозите со сите со кои се вкрстувам во текот на денот, а верувајте дека ги има доста. Ако до минатата година преферирав кафето да го пијам на балкон, сега кафето го пијам во кафуле. Луѓето коишто брзат за на работа ми даваат воља да го максимизирам турбото и да наметнам уште подобри цели коишто треба да се постигнат.

Не знам дали се сеќавате на говорот на Метју Маконахеј на оскаровската вечер кога изјави дека неговиот идол е ,,тој за неколку години". Слична е приказната и со мене. Моите поставени цели, скалата по која имам предвид да се искачам е исто така мојата мотивација. Не ја отфрлам можноста да се надополнам од некои луѓе од коишто секојдневно учам, од луѓе коишто знам дека можам отворено да се советувам, а и од моите најблиски, семејството. Исто така, ме мотивира патувањето. Имам со кого да патувам. Со моите блиски кои за жал живеат подалеку од мене договараме дестинација која мора да ја освоиме. Наредно што престои е скиењето...

 Живееме во доста турбулентно општество. Работам во креативната индустрија, каде плановите може во секое време да ти ги потопи капитализмот. Работата е стресна, но и адреналинска. Затоа не би кажал дека моите дневни планови навлегуваат нешто подлабоко од водење аларм за будење, креирање на основните кампањи за во јавноста, покривање настани, состаноци со соработници, координација со колегите и слично. Она што е адреналинско е таму. Избувнува за една минута, а може да ти го одземе денот.

Денот ми завршува во теретана. Морам да ви се пофалам дека во изминатите две години животот ми се промени по зачленување во теретана. Начинот на исхрана, конзумирањео на вода, кондицијата и расположението на моето тело не се она што беа пред да почнам активно да се занимавам со фитнес.

Време за филм немам. Книги во последно време читам доста. Сакам реални животни приказни... Сакам да слушам лекции од луѓето кои еднаш ја направиле грешката.


(Ѓорѓе Камов - новинар и PR маркетинг)