Утринско кафе со Иван Гавриловски: Сопствената мотивација е мојот клуч за успех

Се будам со вообичаениот звук од аларм, без кој не можам да се координирам во секојдневието и се трудам што е можно побрзо да стапам во допир со реалноста. Првата активност што следува е појадокот, кој е столб на мојата исхрана, а потоа е подготовката за мојата прва физичка активност. Искрено, зависта од кофеинот ме принуди да стигнам до фаза кадешто кафето преферирам да го пијам сам, или пак со луѓе што ме познаваат и знаат дека не сум човек што функционира баш најдобро преку денот.

Мотивацијата, општо во животот ја добивам од мојот најтесен круг на луѓе, кои знам дека искрено ме сакаат и секогаш се стремам да бидам што е можно покоректен со нив, додека конкретната мотивација во опсегот на работата извира длабоко од мене, затоа што сопствената мотивација е клуч на успехот.

Со оглед на тоа дека мојата работа е обратно пропорционална од секојдневната, работната недела ја користам за што е можно поздрав живот, вклучувајќи здрава исхрана , спортска активност, мирен сон, но и за подготовка на музиката, на начин на кој треба да допре до мојата главна причина за која го работам ова, публиката.

Денот ми завршува најчесто во опуштена атмосфера со некој близок, споделувајќи ги идните планови и намери, воглавно поврзани со кариерата.

Отсекогаш сум сакал да го задржам вниманието и концентрацијата читајќи книга, но едноставно не можам да се фокусирам на тоа, па затоа преферирам да изгледам некој филм (најчесто мистерија) кој знам дека ќе ме вовлече максимално во содржината.

* Иван Гавриловски, диџеј TightBeats